Еднаквоста и недискриминацијата низ призма на граѓаните и граѓанките - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Еднаквоста и недискриминацијата низ призма на граѓаните и граѓанките PDF Печати Е-пошта
Среда, 28 Февруари 2024 13:16

Контекстуална анализа на податоците од извештајот „Барометар за еднакви можности 2023“
Автори: Наташа Амдију, Неда Чаловска Димовска
Дата: 2023
PDF MK: ednakvosta_i_nediskriminacijata_niz_prizma_na_gragjanite_i_gragjankite.pdf
PDF SQ: barazia_dhe_mosdiskriminimi_permes_prizmit_te_qytetareve_dhe_qytetareve.pdf
PDF EN: equality_and_non-discrimination_from_the_viewpoint_of_citizens.pdf

Analiza Ednakvost 03 so korekcii za pregledВо Република Северна Македонија во октомври 2020 година (една деценија од донесувањето на првиот антидискриминациски закон), се донесе новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација (ЗСЗД). Воедно, Законот предвиде и суштински измени во начинот на функционирање на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, со значително проширена надлежност, за разлика од поранешната Комисија за заштита од дискриминација. Во мај 2022 година се донесе и новата Национална стратегија за еднаквост и недискриминација (2022-2026). Но, покрај законската рамка и улогата на институциите, за сеопфатна борба против дискриминацијата потребно е независно и експертско вклучување преку разни акции и оваа анализа има за цел да придонесе во борбата против дискриминацијата преку поврзување на емпириските податоци со низа на контекстуални фактори и аспекти, со цел подобро разбирање на трендовите.

МЦМС и Мисијата на ОБСЕ во Скопје, во соработка со Комисијата за спречување и заштита од дискриминација во текот на 2023 година го подготвија четвртиот бран на истражувачкиот извештај: „Барометар за еднакви можности”. Анализираните податоци говорат дека дискриминацијата е широко распространета во јавноста, со тренд на умерен пораст кај пет од седум основи за дискриминација. Секој трет испитаник изјавува дека бил жртва на дискриминација, а секој четврти дека бил сведок на дискриминација. Во 2023 година граѓанките и граѓаните сметаат дека не се вложуваат доволно напори за борба против дискриминацијата. Барометарот за еднакви можности, овозможува увид во насоката и во интензитетот на промените во перцепциите, ставовите, знаењето и свесноста за дискриминацијата и нееднаквоста во земјата во периодот од 2009 до 2023 година. Во извештајот се анализираат одговорите на испитаниците за седум основи на дискриминација - пол, етничка припадност, религија или уверување, возраст, попреченост, сексуална ориентација и политичка припадност.

Оваа контекстуална анализа овозможува подобро разбирање на податочните трендови и нивно поврзување со различните социополитички фактори и актери кои влијаат на унапредување на еднаквоста и борбата против дискриминацијата. Со анализирање на сличностите, разликите и трендовите низ контекстуални димензии, оваа анализа идентификува низа варијации, аномалии или јазови, кои даваат вредни сознанија за идните чекори коишто државата треба да ги преземе, со цел подобрување на состојбата. Затоа анализата, во основа, претставува документ за политики, кој ќе може да биде искористен во планирањето на мерките и политиките на среден и на долг рок, од сите релевантни чинители.

Оваа контекстуална анализа нема за цел детектирање на причините за одделни перцепции/тврдења на граѓаните и граѓанките, но укажува на постојната дискрепанца меѓу перцепцијата на општата јавност и определени подгрупи испитаници и испитанички, ситуацијата во реалноста поткрепена со случаи, други истражувања и индекси, официјални статистики од Државниот завод за статистика, медиумски натписи и искуството на граѓанските организации од работата со ранливите групи што ги застапуваат. Во неа се анализирани податоците од Барометарот поврзани со социјалната дистанца, перцепцијата за дискриминација, искуства со дискриминација, борба против дискриминација и познавање на своите права, еднакви можности при вработување и отвореност кон различностите.


Поврзани:

 

Google translate

Следи нé

FacebookYouTubeTwitterScribdRSS

Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Огласи Еднаквоста и недискриминацијата низ призма на граѓаните и граѓанките