Вечер: Македонија меѓу визното олеснување и либерализација? - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Вечер: Македонија меѓу визното олеснување и либерализација? PDF Печати Е-пошта
Петок, 19 декември 2008 11:37

За одговор дали ќе добиете виза се чека и повеќе од пет недели?!

Додека земјава ја очекува одлуката од Брисел граѓаните да патуваат без визи, во меѓувреме се спроведува договорот за визни олеснувања, за кој пак има низа забелешки, како барања за дополнителни документи, долга процедура...

Македонија меѓу визното олеснување и либерализација

Европската комисија во својот извештај даде оценка за визната либерализација и таа беше позитивна, рече евроамбасадорот Ерван Фуере. Ова следи по изјавата на францускиот министер за надворешни работи Бернар Кушнер дека спорот за името ја попречува македонската евроинтеграција и за визната либерализација. Фуере, во овој контекст, посочи на заклучоците на Европската комисија за тоа прашање.

- Позитивна е оценката за она што земјата го направи. Направени се огромни напори во однос на биометриските пасоши, во однос на безбедноста на документите, интегрираното гранично управување и слично. Комисијата исто така соопшти дека експертски комисии ќе дојдат во Македонија за да ја проценат ситуацијата и доколку Владата ги исполни сите реформи, тогаш Комисијата ќе биде во можност на земјите-членки да им предложи ослободување од визниот режим. Македонија е на добар пат. Таа е лидер во регионот во исполнувањето на критериумите за визна либерализација, рече Фуере.

Додека Македонија ја чека одлуката за визна либерализација, се спроведува договорот за визни олеснувања за некои категории граѓани. Токму за неговото спроведување има низа забелешки. Ова го покажуваат резултатите од истражувањето што го спроведуваа повеќе невладини организации во регионов. Истражувањето во земјава, спроведено од Македонскиот центар за меѓународна соработка, покажа дека граѓаните во земјава се соочуваат со многу проблеми. Најчесто проблем е што на граѓаните им се бараат дополнителни документи. Еден таков случај е кога на членовите на играорна група кои аплицирале за виза во Италијанската амбасада им биле побарани документи како доказ дека нивните родители се вработени, иако родителите не патувале за Италија на натпреварот.

Освен барањата за дополнителни документи, граѓаните, како што е наведено во извештајот, се жалат и за нечовечкиот третман од вработените во амбасадите. За ова говори примерот на еден брачен пар од Куманово кои сакале да заминат во Германија во посета на своите деца кои живеат таму. Кога не добиле виза и побарале објаснување за тоа, вработените во конзуларното одделение им рекле дека "патувањето не е неопходно и дека нема што да прават таму".

Како проблем се појавува и фактот ненавремено изработување на визатата ако воопшто им е одобрена. Еден апликант за виза пет недели откако ги доставил документите не добил известување, по што побарал информации во амбасадата каде што аплицирал. Добил краток одговор "вашата виза не е готова се уште".

Оттука во заклучокот на извештајот за Македонија, меѓу другото се апелира на граѓаните да им се даваат прецизни информации како за потребните документи, така и за процедурата, да се направат поголеми напори и граѓаните да се информираат како до виза и слично.

Извор: Вечер (11.12.2008)

 

Google translate

Следи нé

FacebookYouTubeTwitterScribdRSS

Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност МЦМС во медиумите Вечер: Македонија меѓу визното олеснување и либерализација?