Вечер: Истражување на МЦМС |
Петок, 12 октомври 2007 01:00 | |||
Зголемен е и процентот на нетолерантност кон странците кој изнесува 67, 2 отсто За оваа невладина организација, загрижувачки се резултатите кои покажуваат дека дури за 92,8 отсто од Македонците најнепосакувана група се наркоманите. Граѓаните не ги толерираат ниту алхохоличарите (88,9%) и хомосексуалците (82,9%). - Ниска толеранција постои и кон жртвите на насилство, луѓе од друга вера, друга етничка припадност, а зголемен е и процентот на нетолерантност кон странците кој изнесува 67, 2 отсто - рече Александар Кржаловски, од МЦМС. Мнозинството од граѓаните, според истражувањето, веруваат дека граѓанските организации се средство со кое вешти поединци доаѓаат до пари и влијание или им служат само на интересите на странски држави и нивните фондации. Институтот Отворено општество, Сојузот на студентите при Универзитетот "Св. Кирил и Методиј" и "МОСТ" се дел од организациите за кои граѓаните сметаат дека имаат политичко влијание. - За граѓаните, граѓанските организации се злоупотребувани од политичките партии или зад нив се кријат политички партии. Но, тие во малку случаи можат тоа да го илустрираат со пример - рече Кржаловски. Македонците најмногу ги знаат организациите кои работат на намалувањето на сиромаштијата, а најмалку на економски развој. Сепак, граѓаните најмалку им веруваат на политичките партии, односно само 23, 1 процент од испитаниците одговориле позитивно. Владата на Република Македонија во однос на лани бележи зголемување во довербата на 44,6 од 26,6 проценти. (Г.М.) Извор: Вечер (12.октомври.2007)
|