Време: Три невладини организации ја напаѓаат слободата на мислењето - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Време: Три невладини организации ја напаѓаат слободата на мислењето PDF Печати Е-пошта
Вторник, 27 септември 2005 01:00

Иницијативата на трите невладини организации е прикриена атака врз правото на слободно мислење, кон критичкиот однос за состојбите во општеството, ги поткопува основните вредности на демократијата и го понижува граѓанското достоинство, соопшти македонскиот Хелсиншки комитет за човекови права.

Организатори на кампањата „Спомнете ја Македонија по добро“ се невладините организации „Форум - центар за стратегиски истражувања и документација“, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и „Потрага по заедничка основа“.

„Едно е државните органи да реализираат кампањи за влегување во ЕУ, а друго е да се бара од граѓаните да кажуваат невистини како онаа дека државата е целосно посветена на остварување на меѓународно признаените цели. Тоа може да се сфати како повик за непријателство и линч на секој оној што размислува поинаку од власта и отворено го кажува тоа“, соопшти Хелсиншкиот комитет.

Поради сличниот став на „Време“ и неверојатната координираност на оваа кампања со ставовите на власта, главниот организатор на акцијата, „Форум - центар за стратегиски истражувања и документација“, претходно без консултација со МЦМС и со „Потрага по заедничка основа“ ги прекина веќе закажаните објави во весникот. Кампањата всушност ги мотивира граѓаните да ги молат пријателите во странство да лобираат за Македонија. За ова организаторите бараат пари од УНДП и од телекомот.

- Објавите во „Време“ се запрени поради ставот на весникот. Бидејќи располагаме со малку средства, глупаво е да објавуваме таму каде што нема позитивно мислење за кампањата - изјави Сашо Орданоски, програмски менаџер на „Форум - центарот за стратегиски истражувања“.

За МЦМС е неприфатлив ваквиот потег на „Форум“.

- Без разлика на уредувачката политика на весниците, мора да оставиме простор за критичко мислење - вели Сашо Клекоски, извршен директор на МЦМС.

Првата објава во медиумите ја платил МЦМС. Организаторите се договориле секој да ги финансира сопствените активности.

Ордановски вели дека УНДП за кампањата ќе одвои две - три илјади евра. Од УНДП велат дека засега даваат само морална поддршка.

Деновиве ќе се разговара за финансиска помош од телекомот. Дејан Мицковиќ, претседател на бордот на директорите и член на претседателството на СДСМ, потврди дека предложил телекомот да финансира дел од активностите за кампањата.

- Јас дадов предлог, но крајната одлука ја донесува менаџментот - вели Мицковиќ.

Од функција на член на СДСМ Мицковиќ преку колумна во весникот „Дневник“ непосредно пред почетокот на кампањата ги повика невладините организации, опозицијата, бизнисмените, новинарите, академиците и сите граѓани да лобираат за интеграција на Македонија во ЕУ.

Откако „Време“ во коментар ги поврза овие две работи, од „Форум“ стигна ембаргото за објавување на објавите за кампањата.

Во годишниот извештај на Стејт департментот за состојбата со човековите права во Македонија се наведува дека политичкото влијание врз македонското новинарство се покажува и низ економски притисок и индиректна цензура, преку уцени за запирање реклами и одбивање за пристап до информации.

С. С.

Извор: Време (27.септември.2005)

 

Google translate

Следи нé

FacebookYouTubeTwitterScribdRSS

Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност МЦМС во медиумите Време: Три невладини организации ја напаѓаат слободата на мислењето