Време: До август градска вода и за Крушопек - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Време: До август градска вода и за Крушопек PDF Печати Е-пошта
Среда, 22 Февруари 2006 01:00

Крушопек, последното село во општината Сарај што немаше водоводна мрежа, во август ќе се приклучи кон градскиот водовод, откако вчера градоначалникот Имер Селмани потпиша договор со американската агенција УСАИД и со МЦМС за заеднички да го градат 7,5-километарскиот водоснабдувачки систем. Целиот проект ќе чини околу 280.000 американски долари. Општината, заедно со самопридонесот од граѓаните, обезбедила нешто повеќе од 80.000 долари, а по околу 100.000 долари ќе дадат УСАИД и МЦМС. Изградбата на мрежата, според Селмани, треба да почне кон крајот на март, а да заврши кон крајот на јули.

Селото Крушопек се наоѓа веднаш до населбата Ѓорче Петров, од десната страна на Вардар и на помалку од еден километар од општинскиот центар во Сарај. Сепак, неговите 1.900 жители околу четири децении живееле без вода. Тие вчера беа задоволни што конечно ќе им дојде крај на нивните маки.

- Копавме бунари, пумпи и се снаоѓавме на сите начини за да дојдеме до вода. Но, подземната вода овде е загадена и не се пие, бидејќи Вардар тече веднаш до нашите дворови. Неа ја користиме само за миење, за чистење, за полевање на дворовите и за добитокот. Вода за пиење носиме од градот, од Нерези и од други места со туби и со колички. Некои купуваат вода - рече Бакир Ефеди, претседателот на месната заедница во ова село.

Градоначалникот Селмани објасни дека пред околу пет години селото било многу позапуштено од денеска, но дека сепак остануваат уште многу проблеми да се решат.

- Порано за ова место немаше ниту урбанистички план, значи тоа формално не постоеше.

Немаше ниту пат, мост, училиште и телефон. Сега го има сето тоа, но останува уште многу да се работи - вели Селмани.

Тој додаде дека општината ќе продолжи со политиката да собира донации за да ги решава клучните проблеми во населените места, така што дел од парите се обезбедуваат од општинскиот буџет, а другото од донаторите.

- Ова не е богата општина, имаме голема невработеност и не можеме самите набрзина да ги решиме сите проблеми - додаде Селмани.

 

Г.Т.

Извор: Време (22.февруари.2006)

 

Google translate

Следи нé

FacebookYouTubeTwitterScribdRSS

Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност МЦМС во медиумите Време: До август градска вода и за Крушопек