| Зголемена прифатливост и подложност на корупција |
|
|
|
| Четврток, 29 јануари 2026 09:29 | |||
|
Анализата на ставовите на граѓаните кон различните форми на коруптивни практики покажува загрижувачки трендови. Во 2025 година, 53,7% од испитаниците изјавуваат дека не би прифатиле никаква форма на коруптивно однесување, наспроти 46,3% кои би прифатиле. Овој сооднос претставува значително влошување во споредба со претходните истражувања (во 2023 година односот бил 62,9% наспроти 37,1%, а во 2021 година 63,3% наспроти 36,7%).
Иако младите на возраст од 18 до 29 години и понатаму се групата со најниска толеранција кон корупцијата, и кај нив се забележува негативен поместувачки тренд. Во 2025 година, околу 70% од младите ги сметаат повеќето коруптивни практики за неприфатливи, за разлика од над 80% во 2023 година. Доколку резултатите се проектираат врз основа на последната процена на населението, произлегува дека за околу 677.763 полнолетни граѓани во Северна Македонија корупцијата претставува прифатлив начин на однесување. Овој број е значително повисок во однос на претходните истражувања и претставува сериозен предизвик за креирањето и спроведувањето на ефикасни антикоруптивни политики, особено имајќи предвид дека ваквите ставови лесно може да бидат злоупотребени од политички и бизнис-актери. Дополнително загрижува фактот што во 2025 година дури 45% од граѓаните се оценети како подложни на корупција што претставува највисок процент од 2014 година наваму. За споредба, овој процент изнесувал 19% во 2023 и 31% во 2021 година. Истовремено, се бележи значително намалување на уделот на граѓани кои не се подложни на корупција (од 39,9% во 2023 на 26% во 2025), како и на оние со мешано однесување (од 41,1% на 29%). Иако се намалува процентот на граѓани кои би платиле поткуп „по секоја цена“, вкупната подложност на корупција сепак расте. Резултатите укажуваат на трајна амбивалентност во односот кон корупцијата: од една страна, моралното осудување останува високо, но од друга, практичната толеранција сè повеќе се зголемува. Ова упатува на ниска доверба во институциите и во можноста проблемите да се решаваат без коруптивни практики – состојба која ја одржува и продлабочува подложноста на корупција во општеството.
|