| Соработка и вклученоста носат одржливи антикорупциски резултати |
|
|
|
| Вторник, 30 декември 2025 13:54 | |||
|
МЦМС учествуваше на Конференцијата на државите-страни на УНКАК Единаесеттата сесија на Конференцијата на државите-страни на УНКАК (COSP11) се одржа во Доха, Катар, во периодот од 15 до 19 декември 2025 година. Конференцијата беше организирана од државата Катар, во тесна координација со Канцеларија на Обединетите нации за дрога и криминал (UNODC). МЦМС беше дел настанот преку учеството на Александар Кржаловски и Снежана Камиловска Трповска.
Конференцијата е главно креирачко тело на политики во рамки на Конвенцијата, ги обединува државите-страни, земјите-набљудувачи, меѓународни организации, граѓанското општество и водечки експерти и се одржува на секои две години. Нејзината цел е да направи преглед на напредокот, да ги адресираат новите предизвици и да усвојат резолуции кои ги насочуваат глобалните антикорупциски приоритети. COSP11 понуди пленарни седници, дијалози на високо ниво, специјални настани и изложби, насочени кон продлабочување на дијалогот, размена на знаења и зајакнување на заедничкото делување против корупцијата.
Снежана Камиловска, претставничката на МЦМС, членка на УНКАК Коалицијата, ја истакна клучната улога на граѓанските организации во креирање на долгорочни политики за борба против корупција. Таа нагласи дека граѓанското општество има најголемо влијание кога е вклучено од почетокот на антикорупциските процеси и кога активно и суштински учествува и во креирањето и во спроведувањето на стратегиите и политиките. Граѓанското општество придонесува антикорупциските стратегии да бидат спроведливи, преку директен увид во тоа каде и како корупцијата навистина се појавува, како и преку активно учество во нивното следење и отчетност. И покрај различните национални контексти и перспективи, од дискусијата произлегоа три заеднички заклучоци: потребата од централна улога на независните антикорупциски тела со доволни овластувања и ресурси; значењето на ефикасни алатки за транспарентност, интегритет и дигитализација развиени преку инклузивен пристап; и неопходноста од силна политичка волја и ефективно спроведување на законите, без кои дури и најдобрите стратегии не можат да дадат резултат. На сесијата беше донесена и Декларација на граѓанското општество, а во својата порака до учесниците, директорот на Коалицијата Матијас Хутер истакна дека CoSP бил успешен. „Сите резолуции беа усвоени со консензус и многу од нив беа изненадувачки силни во своите одредби“, истакна тој.
Преку учеството на COSP11, Југоисточна Европа испрати јасна порака од Доха дека регионалната соработка и инклузивните пристапи засновани на докази водат кон трајно антикорупциско влијание, а МЦМС уште еднаш ја потврди својата улога како активен чинител во промовирањето на добро управување и борбата против корупцијата на национално и регионално ниво.
|