Градење капацитети за недискиминација - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Градење капацитети за недискиминација PDF Печати Е-пошта

Градење капацитети за недискиминацијаОтсуството на долгорочна стратегија за заштита од дискриминација во Република Македонија е воочена од поодамна, меѓутоа поконкретни чекори како од страна на граѓанските организации, така и од државата се преземени во 2007 и 2008 година. Десетина граѓански организации кои воедно се и лидерски организации во областа на човековите права се здружија во неформална коалиција со цел заеднички да ги истакнат потребите за заштита од дискриминација. Исто така, државата со иницијативата за донесување закон за заштита од дискриминација се приклучи на барањата кои беа посочувани од граѓанските организации. Градењето јасна стратегија и законодавство подразбира и силни организации и институции кои ќе се подготвени да преземаат конкретни активности. Зајакнати граѓански активисти и државни службеници е еден од условите за превенција и заштита од дискриминација.

Општа цел е понатамошен развој на поддржувачка околина за еднакви можности на сите луѓе, односно недискриминација во Македонија. Цел на проектот е јакнење на капацитетите на граѓанските организации и пред се на државните институции за заедничко делување во промоцијата на еднаквите можности и недискриминацијата. Целна група се граѓанските организации и претставници од органите на државната управа. Целното подрачје е Република Македонија.

Очекувани резултати од проектот се: зајакнати капацитети на граѓанските организации членки на коалицијата за недислриминација; зајакнати капацитети на релевантните органи на државната управа.

Проектот ќе се состои од две активности:

Обуки за недискриминација

За граѓанските организации членки на коалицијата и пред се за државните службеници на неколку релевантни органи на државната управа (Министерство за труд и социјална политика, Министерство за правда, Министерство за внатрешни работи, центрите за социјална заштита, институцијата Народен правобранител и сл.) ќе бидат организирани пет обуки од областа на човековите права и недискриминација. Едната ќе биде обука за обучувачи на која најголем дел од учесниците ќе бидат претставници од граѓанските организации, додека другите три ќе бидат наменети за државните службеници. Првата обука ќе биде спроведена од двајца истакнати меѓународни експерти и обучувачи, додека останатите ќе бидат испорачани од страна на домашни експерти и обучувачи кои ја посетиле обуката наменета за обучувачи.

Студиски посети

Две студиски посети ќе бидат организирани во рамките на проектот. Со цел да се придонесе кон зајакнување на свеста и кон градење на капацитетите на одговорните државни службеници за потребата од тело за заштита од дискриминација кое ќе ги исполнува Париските принципи во првото тримесечје од година ќе се организира студиска посета на Агенцијата за фундаментални права (ФРА) во Виена. Во второто полугодие ќе се организира посета во земја од регионот од која може да се научат лекции од нивното искуство при воспоставување на вакво тело и при примена на законодавството кое се однесува на заштитата од дискриминација. Државните службеници, но и правни експерти и претставници на граѓанските организации ќе учествуваа на студиските посети.

Активностите ќе бидат спроведувани во координација со вклучените граѓански организации, а пред се со секретаријатот на коалицијата за недикриминација. МЦМС во консултации со вклучените организации е одговорен за донесувањето на одлуките и спроведување на проектот.

Периодот на спроведување е 1 февруари – 31 декември 2009 година.

 

Следи нé

FacebookYouTubeTwitterScribdRSS

Се наоѓаш тука  : Почетна За нашата работа Програми