Борба против корупција и организиран криминал - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Борба против корупција и организиран криминал PDF Печати Е-пошта

IMG 4616Корупцијата е еден од најсериозните проблеми со кои Македонија се соочува во моментов. Извештајот за напредокот на земјата подготвен од страна на Европската комисија во октомври 2012 констатира дека постои недостаток на анализа на корупцијата и начини државата да се справи со неа. Потребно е дополнително зајакнување на оперативната соработка и размена на информации меѓу институциите. Надзорот и спроведувањето на законот од страна на Државниот завод за ревизија (ДЗР), ДКСК и другите органи се попречени од недостатокот на координиран систем на следење на исходот од прекршочните или кривични постапки кои се започнати. Статистичкиот систем за следење на политиките за спречување на корупцијата е недоволно развиен. Јавната свест за борба против корупцијата е ниска. Ресурсите за ефективна акција против корупцијата се недоволни. Потенцијалот на граѓанските организации не е целосно искористен како инструмент за зајакнување на граѓанското барање за поправедно општество без корупција и еднаква распределба на моќ, одговорност и транспарентност.

Општата цел на проектот е активно граѓанско општество кое влијае на јавните политики, ги одржува институциите отчетни и придонесува кон повисок интегритет на целото општество.

Цел на проектот е промоција и зајакнување на граѓанските организации, партнерствата и капацитетите за откривање и борба против корупцијата и нејзините врски со организираниот криминал и зголемена свест на граѓаните за овие појави.

Очекувани резултати се:

1) Развиена детална анализа за состојбата и динамиката на корупцијата и организираниот криминал во Македонија;

2) Информирани креатори на јавни политики и информирана јавност за обемот и ефектите од проблемот;

3) Споделено искуство и зајакнати капацитети на граѓанските организации и партнерствата за следење на корупцијата и нејзината поврзаност со организираниот криминал.

Резултатите ќе се постигнат преку следните активности:

1.1. Подготвително истражување и анализа. Преку анализа на документи и стручна  литература ќе се собираат основни информации кои што ќе имаат за цел да ги поддржат наодите од националната анкета за корупција. Ваквото подготвително истражување ќе биде спроведено заеднички со партнерите од ЦСД и ќе биде фокусирано на општата политичка и економска состојба во Република Mакедонија во периодот од 2002 до 2012 г.
1.2. Полу-структурирани интервјуа и анкета со бизнис заедницата. Ќе бидат направени вкупно 45 полу-структурирани интервјуа со претставници на најрелевантните институции и агенции. Анкетата со бизнис заедницата ќе биде спроведена на репрезентативен примерок од 400 претставници на приватни деловни субјекти со различна големина и ќе има за цел да ги детектира ризиците од корупција и поврзаноста на корупцијата со организираниот криминал.
1.3. Извештај за следење на корупцијата и заканата од организиран криминал. Резултатите од подготвителното истражување и наодите од полу-структурираните интервјуа ќе бидат сумирани во Извештај за следење на корупцијата и заканата од организиран криминал. Ваквиот извештај ќе обезбеди листа на предлог-политики и алтернативи за преземање на акција од страна на граѓанските организации, медиумите, Владата, Европската комисија и другите засегнати страни.
1.4. Документи за јавни политики и национални студии на случај. Врз база на наодите од Извештајот за следење на корупцијата и заканата од организиран криминал, МЦМС во соработка со CSD ќе подготват шест документи за јавни политики, кои ќе вклучат специфични национални студии на случаи, поврзани со повеќе области, релевантни за проблемот на корупцијата и организираниот криминал во Македонија.

2.1. Форум за јавни политики. Со цел да биде обезбедена поширока јавна дебата и подигнување на јавната свест, ќе биде организиран национален анти-корупциски форум за јавни политики. Покрај локалните засегнати страни, на форумот ќе учествуваат и меѓународни и регионални експерти. Се очекува истиот да биде широко покриен од медиумите и да ги адресира најкритичните проблеми поврзани со корупцијата и организираниот криминал во со кои што се соочува Македонија.
2.2. Промоција и дисеминација на документите за јавна политика. Документите за јавна политика, ќе бидат објавени во медиумите и на интернет порталите во Македонија и регионот.

3.1. Обуки. Со цел да се обезбеди градење на капацитети и да се донесе регионална размена на знаења и искуства, ќе бидат организирани две дводневни обуки, каде што партнерите од ЦИД ќе ги пренесат нивните искуства во справувањето со корупцијата и организираниот криминал во Бугарија. На овие обуки дваесет претставници на граѓанските организации и дваесет новинари ќе бидат запознаени со основните облици на корупција и поврзаноста со организиран криминал, како и начините за следење на овие појави. Дополнително, ќе биде организирана и една работилница за органите на државната управа, одговорни за креирање и спроведување на законодавството поврзано со борба против корупција и организиран криминал.
3.2. Вмрежување на граѓански организации. Со оваа активност, ќе се оди на целосно искористување на можностите од веќе воспоставената Регионална платформа за борба против корупција СЕЛДИ, каде што МЦМС е активен член, додека пак ЦИД е водечки партнер. Преку членството таму, МЦМС и ЦИД ќе овозможат широка размена на искуствата поврзани со борбата против корупцијата и организираниот криминал од земјите од регионот.

Периодот на спроведување е 1 јануари 2014 – 31 март 2015.

Проектот го спроведува МЦМС во соработка со ЦИД од Бугарија.

Проектот е финансиран од Европската Унија.


Поврзани:

 

Следи нé

FacebookYouTubeTwitterScribdRSS

Се наоѓаш тука  : Почетна За нашата работа Програми