Соработка и вмрежување за прашања од заеднички интерес - извршно резиме - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Соработка и вмрежување за прашања од заеднички интерес - извршно резиме PDF Печати Е-пошта

Граѓанските организации (ГО) во Република Македонија имаат релативно добро развиени меѓусебни односи и постои значително ниво на вмрежување. Од друга страна соработката на ГО, особено по прашања од долгорочен стратешки интерес е ограничена, заради што е потребно да се оствари подолгорочна и подлабока меѓусекторска соработка, координација и комуникација.

Дополнително, за земја-кандидат за членство во ЕУ од огромно значење е македонските ГО да земат активно учество во постоечките европски мрежи, но и да формираат секторски мрежи во Македонија. За МЦМС од посебен интерес е градењето граѓански партнерства во Македонија, но и Балканот и поттикнување на вклучување во европските (и глобалните) партнерства, мрежи, сојузи.

Општа цел на проектот е овозможувачка околина за ефективно функционирање на граѓанските организации. Цел на проектот е подобрена соработка помеѓу граѓанските организации за прашања од заеднички интерес.

Целна група на проектот се општата јавност, граѓанските организации, државните институции, медиумите и деловниот сектор. Директни корисници се организациите членки на Граѓанската платформа на Македонија (ГПМ), Балканската мрежа за развој на граѓанското општество (БСЦДН), Европскиот сервис за граѓанска акција (ЕКАС), Заедничкиот консултативен комитет за граѓанско општество меѓу ЕУ и РМ (ЗКК) и Цивикус.

Очекувани резултати од проектот се: Подобрено учество на организациите на граѓанското општество од Македонија во домашните и меѓународните мрежи и тела; изградени капацитети за вмрежување и соработка; Преземени иницијативи за активности од заеднички интерес; Формулирана програма за работа на ГПМ; Зголемено активно учество на МЦМС во регионалните, европските и глобалните мрежи.

Резултатите ќе се постигнат преку следните активности:

  1. Членство, поддршка и учество во ГПМ - МЦМС ќе продолжи да членува во ГПМ и да учествува во телата каде има избрани негови претставници. Исто така, ќе учествува во подготовката на програма за работа на ГПМ за периодот 2010-2012 година, а ќе ја поддржи и регистрацијата на ГПМ како правно лице. МЦМС заради развојот на ГО и подоброто интегрирање во платформите во ЕУ, ќе поттикне и поддржи соодветно прилагодување и по потреба измени на основните документи и воопшто на ГПМ во согласност со барањата за членство во европските граѓански платформи
  2. Членство, поддршка и учество во БЦСДН – МЦМС покрај раководењето со Извршната канцеларија и учеството во телата на БЦСДН каде има избрани негови претставници, ќе соработува и со членките на мрежата за прашања од заеднички интерес и за кои е потребна меѓусебна поддршка, како на пример граѓанскиот дијалог, развој на граѓанскиот сектор, европските интеграции и пристапот до европските фондови. За одредени прашања ќе се споделува знаењето, искуството и експертизата преку учество на конференции, работилници и др. на членките на БЦСДН.
  3. Соработка со европски мрежи, организации и тела - Во 2010 г. ќе се продолжи членството во ЕКАС. Соработката со оваа европска мрежа ќе се интензивира во обезбедување поддршка за активностите на МЦМС за зајакнување на ГО за вклучување во ЕУ, но и за лобирање и мобилизација на фондови.
    Првиот извршен директор на МЦМС е копретседател на ЗКК, одговорен и за подготовка, координација и организација на работата на ова тело. Во 2010 г. покрај неговото активно учество, ќе бидат поддржани состаноците на ЗКК во Скопје и Брисел. МЦМС ќе учествува и во давањето мислење во форма на извештаи и заклучоци.
    МЦМС ќе продолжи со учеството во активностите на АПРОДЕВ и КОНКОРД. Исто така ќе се одржува комуникација и соработка со Триалог, особено за иницијативата за основање национална платформа на развојни граѓански организации.
  4. Соработка со меѓународни и други мрежи, организации и тела - Соработката со Цивикус- Светската алијанса за граѓанско учество, освен за спроведувањето на Индексот на граѓанското општество во Македонија ќе продолжи и за други релевантни активности на оваа мрежа.
    Исто така, МЦМС ќе соработува и со други мрежи, организации и тела за прашања поврзани со развојот на граѓанското општество и граѓанскиот дијалог. Исто така ќе се поттикнуваат и нови партнерства и сојузи заради обезбедување домашна и меѓународна поддршка за прашања од меѓусебен интерес, а во секторите каде делува МЦМС.
    Периодот на спроведување е 1 февруари до 30 декември 2010 г .

Во спроведувањето на проектот ќе биде вклучен поголем број на ГО. За дел од активностите ќе се вклучуваат и останатите организации на граѓанското општество, како што се синдикатите, стопанските комори и организациите на работодавачите, но и на другите сектори.

Информации за активностите на проектот ќе се објавуваат редовно на веб-сајтот на МЦМС. За најава или известување за битните настани и активности ќе се испраќаат соопштенија за јавноста и организираат прес-конференции. Од учеството на настаните ќе се подготвуваат извештаи, а по потреба ќе се организираат и стручни состаноци.

Со оглед дека во реализација на проектот се вклучени повеќе различни актери еден од ризиците е недостапност на актерите во планираниот период за спроведување на одредена активност. Во контекст на зголемена конкуренција меѓу ГО за намалените ресурси може да се очекува недостаток на волја за соработка, но и финансиска можност на ГО за учество во регионални и меѓународни мрежи и настани.

Буџетот на проектот е 1.492.000 денари.

Завршен извештај од проектот.


Поврзани:

 

Следи нé

FacebookYouTubeTwitterScribdRSS

Се наоѓаш тука  : Почетна За нашата работа Програми