Соработка и вмрежување за прашања од заеднички интерес 2011 - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Соработка и вмрежување за прашања од заеднички интерес 2011 PDF Печати Е-пошта

029Соработката на граѓанските организации (ГО), особено по прашања од долгорочен стратешки интерес е релативно ограничена, заради што е потребно да се оствари подолгорочна и подлабока меѓусекторска соработка, координација и комуникација. Дополнително, како земја кандидат, во исчекување на датумот за преговори со ЕУ од огромно значење е македонските ГО да земат активно учество во постоечките европски мрежи, но и да формираат секторски мрежи во Македонија. За МЦМС од посебен интерес е градењето граѓански партнерства во Македонија, но и Балканот и поттикнување на вклучување во европските (и глобалните) партнерства, мрежи и сојузи.

Општа цел на проектот беше овозможувачка околина за ефективно функционирање на ГО. Цел на проектот беше подобрена соработка помеѓу ГО за прашања од заеднички интерес.  

Целна група на проектот беа општата јавност, граѓанските организации, државните институции, медиумите и деловниот сектор. Директни корисници беа членките на Граѓанската платформа на Македонија (ГПМ), Балканската мрежа за развој на граѓанското општество (БСЦДН), Заедничкиот консултативен комитет за граѓанско општество меѓу ЕУ и РМ (ЗКК) и Цивикус. Проектот се спроведе во Македонија, регионот и земјите на ЕУ.

Резултатите остварени со проектот беа: Преземени иницијативи за активности од заеднички интерес; и Активно учество на МЦМС во регионалните, европските и глобалните мрежи.

Резултатите беа постигнати преку членство, учество и поддршка на неколку мрежи и соработка со други сродни организации.

МЦМС редовно ги вклучуваше и информираше членките на ГПМ за активностите од заеднички интерес. Беа праќани корисни информации за повици за проекти, публикации, законски решенија и сл. Со дел од членките на ГПМ беа поднесени заеднички проектни пријави за финансирање.

Покрај раководењето и учеството во телата на БЦСДН каде има избрани негови претставници, МЦМС соработуваше со членките на мрежата за прашања кои се релевантни за развојот на граѓанските организации во Македонија, пред сè во мобилизирањето на фондови и застапување во институциите на ЕУ.

МЦМС не го обнови членството во Европскиот сервис за граѓанска акција (ЕКАС), кое се состои од плаќање членарина за да се добие пристап до услуги од ЕКАС. Услугите кои ги нуди ЕКАС досега не беа искористени во целост, а таква беше процената и за 2011 г. Но, МЦМС продолжи да соработува и разменува информации со ЕКАС.

МЦМС продолжи во 2011 г. со учеството и поддршката на ЗКК. Во 2010 г. претставник на МЦМС, Сашо Клековски беше ре-избран за член на ЗКК со мандат од две години. Тој активно учествуваше во активностите на ЗКК. Исто така, одговорниот соработник за програмата, Даниела Стојанова ја поддржуваше работата на ЗКК. Во 2011 г. беа организирани две седници, едната во април во Скопје, а другата во октомври во Брисел. Извештаите за социјален дијалог и рурален развој за двете седници, соодветно, беа подготвени, а на втората седница и презентирани од страна на МЦМС. Беше поддржано и учеството на претставник од синдикатите на втората седница на ЗКК во Брисел.

Членството во Цивикус беше продолжено.  Не се учествуваше на годишното собрание на Цивикус, кое во 2011 г. беше одржано во Монтреал, Канада делумно заради необезбедувањето финансиски средства за тоа, а делумно заради зафатеност на релевантните соработници и Одборот на директори. Редовната комуникација со Цивикус продолжи, како за спроведување на Индексот на граѓанското општество така и за други активности и взаемна поддршка. Така, во февруари Конкорд т.е. Секретаријатот на Отворениот форум за ефективноста на граѓанските организации и Цивикус го поканија МЦМС, кој пак во соработка со БЦСДН организираше регионална дводневна работилница за ефективноста на ГО во ситуации на конфликт.

Во април во соработка со Тријалог и БЦСДН беше организирана работилница за основање развојна платформа на Република Македонија во Скопје. На работилницата учествуваа 20 претставници на граѓански организации, на министерства и развојните граѓански платформи на Бугарија и Словенија.

Раководителот на Одделението за граѓанско општество, Емина Нурединоска беше воведничар на конференцијата „Граѓански дијалог за сите: Кои се наредните чекори во развојот на граѓанскиот дијалог помеѓу властите и граѓанските организации во Босна и Херцеговина“, која се одржа во април во Сараево, а учествуваа  над 100 претставници од ГО и од властите од БиХ. Во април таа учествуваше како воведничар и на конференцијата  „Кодекс на добри практики за учество на граѓаните во процесите на креирање политики“, која се одржа во Подгорица со учество на педесетина претставници на граѓанските организации од земји од регионот, во организација на Центарот за развој на невладини организации (ЦРНВО). Во август Емина Нурединоска учествуваше на Глобалниот форум за право на граѓанскиот сектор, кој се одржа во Стокхолм и на кој учествуваа околу 200 делегати, а организатор беше Меѓународниот центар за непрофитно право (ИЦНЛ).

Во септември, Даниела Стојанова учествуваше на студиска посета за развој на волонтерството во Брисел, на која учествуваа педесетина членови на граѓанските организации од Балканот и Исланд, а во организација на Европската комисија (ЕК). Во ноември на последователен настан на студиската посета, во организација на ТАКСО и Делегацијата на ЕУ (ДЕУ), таа беше фасилитатор и воведничар на сесијата за развој на волонтерските политики во ЕУ, регионот и Македонија. Во ноември, Даниела Стојанова учествуваше на регионалниот форум „Европа за граѓаните“, организиран од Канцеларијата за здруженија на хрватската влада, заедно со околу 70 учесници од граѓанските организации и државни институции.

Во декември Емина Нурединоска учествуваше како воведничар и Марија Саздевски како воведничар во работна група на конференцијата „Функционални системи за вклучување на граѓанското општество во развојот на политиките и донесувањето на одлуките“ која се одржа во Скопје, 6 и 7 декември во организација на ЕК. Во декември. Даниела Стојанова беше воведничар на конференција посветена на спроведувањето на Законот за здруженија и фондации во Штип во организација на Фондацијата за развој на локалната заедница, а на која учествуваа над 100 претставници на граѓанските организации од Македонија.

Во текот на годината претставници на МЦМС се пријавија за претставници на граѓанските организации во Националниот совет за развој на волонтерството, Комисијата за организации со статус на јавен интерес и Комитетот за следење на првата компонента на Инструментот за претпристапна помош (ИПА).

Исто така претставници на МЦМС учествуваа и на консултациите организирани од ДЕУ за извештајот за напредокот на Македонија, за спроведувањето и планирањето на ИПА, како и на останатата помош од ЕУ. МЦМС соработуваше и со други мрежи, организации и тела за прашања поврзани со развојот на граѓанското општество и граѓанскиот дијалог.

Периодот на спроведување беше од 1 февруари до 29 декември 2011 г .

Директните трошоци за проектот изнесуваат 159.809,50 денари.

Извршно резиме од проектот.


Поврзани:

 

Следи нé

FacebookYouTubeTwitterScribdRSS

Се наоѓаш тука  : Почетна За нашата работа Програми