Косово – дилемите на една катастрофа |
Автор: Биргите Болман Книгата „Косово - дилемите на една катастрофа” зборува за косовскиот конфликт и за катастрофата, која засегна голем број хуманитарни организации. Конфликтот, за жал, нема да биде решен сам по себе, но тој со време ќе исчезне од насловните страници. Книгата се состои од два дела. Првиот дел ја опишува историјата, зачетоците на косовската катастрофа. Се врши едно кратко претставување на вмешаните страни и држави. Се прави обид да се откријат некои од значајните делови на бурната балканска историја. Може да се стекне сознание за тоа како историјата се толкува на различни начини, во зависност од тоа кој ја кажува. За да биде книгата сфатлива и читлива за учениците, дадена е една задача, која покажува различни погледи и прикажување на еден ист настан. Се работи за таканареченото Стокхолмското крвопролевање, а целта е учениците да бидат поделени и да читаат историски фрагменти гледани од различна перспектива. Задачата се наоѓа во задниот дел од книгата наменет за наставниците (четврт дел), кој содржи и предлог за решавање на конфликтите (трет дел). Тука е опишан еден модел за развивање или решавање на конфликтите. Учениците можат да работат на овој модел одделно или заедно, но исто така можат да работат со него во врска со косовскиот и со други поголеми конфликти. Вториот дел ги содржи Десетте заповеди на Данската црковна помош, кои претставуваат правила на однесување на меѓународните хуманитарни организации при организирањето и распределувањето на хуманитарна помош, и дилемите кои во врска со овие„заповеди” можат да се појават во практиката. Некои од овие дилеми им се кажуваат на учениците, додека со некои од нив, тие самите ќе се соочат при дискусијата. Последниот дел од работата со книгата може да се изведе како сумирање на десетте принципи на Организацијата и изнесување на видувањата на учениците за тоа кои правила треба да се применуваат во хуманитарна работа. Како додаток е објавен адресар на веб-страници кои учениците можат да ги користат за дооформување на нивните сознанија за Косово, за другите меѓународни конфликти и за некои други аспекти на хуманитарната работа. Косово – дилемите на една катастрофа на дански јазик е издадена во 1999 година. Kнигата се издава на македонски, на албански и на српски јазик. Сметаме дека оваа книга е одлична поддршка во образованието за решавање конфликти. Исто така дава можност да се запознаеме со поинакво гледиште на конфликт кој длабоко засегна голем број граѓани во Косово и во останатиот дел на СР Југославија, но и во Албанија и во Македонија. Книгата е одличен вовед и во хуманитарната работа и веројатно ќе претставува еден од ретките ресурси во образованието за хуманитарна работа на јазиците на кои се издава книгата. Книгата не е посебно прилагодувана, со исклучок на искажувањата на паричните вредности во евра, за полесно разбирање |