Граѓански практики 13 - „Перцепција на влијанието и околината на граѓанските организации“ - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Граѓански практики 13 - „Перцепција на влијанието и околината на граѓанските организации“ PDF Печати Е-пошта

Автори: Илина Мангова, Боби Бадаревски, Никица Кусеникова, Симонида Кацарска, Слаѓана Димишкова
Дата: јуни, 2011 година
PDF:   graganski-praktiki-br.13.pdf

graganski-praktiki-br.13Новото, 13-то издание на Граѓански практики е посветено на влијанието на граѓанските организации и околината во која тие дејствуваат.

Во својот приказ м-р Илина Мангова го истражува учеството и влијанието на граѓанското општество во Македонија во процесот на креирање и донесување на Законот за спречување и заштита од дискриминацијата. Таа оценува дека дел од граѓанското општество успеало да изврши делумно влијание на националната легислатива за недискриминација, но дека поголемо влијание не можело да се оствари поради големите идеолошките разлики помеѓу дел од граѓанското општество и конзервативните ставови на владејачката партија.

М-р Боби Бадаревски го разгледува влијанието на женските граѓански организации на буџетските политики на Република Македонија, односно родовото буџетирање. Тој заклучува дека овие организации се главните иницијатори и промотори на идејата за креирање родово чувствителни буџетски политики. Во поглед на процедурите, тие постојано инсистираа на примена на методите кои ќе поддржат родово чувствително буџетирање, а во однос на структурата, работат на зајакнување на професионалните капацитети на државните службеници.

Односите меѓу деловниот сектор и граѓанското општество гледани низ призмата на Општествената одговорност на претпријатијата е предмет на истражување на Никица Кусеникова. Истражувањето покажува дека граѓанските организации не се значаен двигател на ООП во Р. Македонија. Ретки се примерите на ГО кои вршат притисок врз деловниот сектор и редовно го следат учинокот на претпријатијата во доменот на ООП. Соработката помеѓу двата сектори постепено напредува, но сѐ уште е на незадоволително ниво и се сведува на поединечни иницијативи на неколку претпријатија и здруженија кои ја препознале взаемната корист и интересот од соработката.

Дали Стратегијата придонесе за подобрува на дијалогот меѓу владата и граѓанското општество, е темата на приказот на Симонида Кацарска. Станува збор за Стратегијата на Владата за соработка со граѓанскиот сектор. Анализата укажува на мешаните извештаи за спроведувањето и различните гледишта на различни домашни и меѓународни чинители за ова прашање. Оценката укажува дека соработката сè уште зависи од прашањето, институциите и личностите вклучени во неа.

Последниот приказ е на м-р Слаѓана Димишкова и се однесува на ограничувањата на слободата на здружување и дејствување. Приказот се осврнува на меѓународните документи кои се директно применливи во земјата но, и на националното законодавство што се однесува на слободата на здружување. Авторката констатира дека слободата на здружување не е апсолутно право и истата има одредени ограничувања кои може да бидат од интерес на националната безбедност, за спречување нереди или кривично дело, за заштита на здравјето и моралот или за заштита на правата и слободите на другите.

 
Се наоѓаш тука  : Почетна За нашата работа Истражувања и публикации Истражувања