Анализа на состојбите на немнозинските заедници во мултиетничките општини |
Во 2006 година МЦМС во соработка со Асоцијацијата за демократски иницијативи (АДИ) и Центарот за мир и демократија Иан Колинс ја спроведоа програмата Споделување на моќта во општините. Во рамките на оваа програма беше спроведен мониторинг на процесите на одлучувањето и употребата на правото на вето во 4 мултиетнички општини. Еден од заклучоците од извештајот од мониторингот беше дека немнозинските заедници се слабо претставени во општинските совети и како такви немаат влијание во однос на донесувањето на одлуките кои се од суштинско значење за сите граѓани во општината. Преговарачката моќ на немнозинските заедници како на локално, така и на национално ниво е многу мала, така да може да се каже дека интеграцијата на немнозинските заедници заостанува во однос на најбројната немнозинска заедница. Од овие причини во рамките на програмата Македонија – модел за дијалог помеѓу културите (МДК) беа направени обиди за согледување на состојбата на немнозинските заедници, како на локално, така и на национално ниво, а воедно беа дадени и препораки за подобрување на нивната состојба. Целта на програмата Македонија – модел за дијалог помеѓу културите е да го зајакне дијалогот помеѓу различни етнички и верски групи. Специфична цел на програмата е да ја зголеми вклученоста на немнозинските заедници во процесите на донесувањето на одлуките во мултиетничките општини. Целна група е популацијата и лидерството во мултиетничките општини (немнозинските заедници воопшто, кои сочинуваат околу 10% од популацијата во Македонија). Директна целна група беа членовите на Советите во општините и Комисиите за односи со заедниците (околу 300 луѓе). Целното подрачје беше Република Македонија. Проектот се состоеше од неколку компоненти: следење на седниците на општините и набљудување на процесот на донесување на одлуките (особено оние во интерес на малите малцинства); анализа на состојбите на немнозинските заедници и подготовка на извештај; спроведување на две обуки за малцински права за локалните власти; како и формирање на парламентарна лоби група која би се залагала за применување на препораките и подобрување на состојбата на немнозинските заедници во Македонија. Во рамките на проектот се спроведени сите планирани активности, освен формирањето на лоби групата, активност која беше одложена заради тоа што процесот на мониторинг на општините доцнеше, што понатаму предизвика доцнење на финалниот извештај кој требаше да послужи како документ врз основана кој би се правело лобирањето. Првата активност која што започна со реализација во овој период беше процесот на мониторинг на општините. Како дел од оваа активност беа подготвени матриците за следење на општинските седници, прашалниците за интервјуата со општинските власти, а воедно беше направена и селекција на општините Гостивар, Струга, Кичево и Дебар за мониторинг. Кон средината на проектот беше спроведена обука за мониторинг на употребата на Бадентеровото правило за 4 лица. Процесот на мониторингот се спроведуваше во периодот од мај до септември и опфати 16 седници на советите, како и околу 30 спроведени интервјуа. Кон крајот на проектниот период беше продуциран извештај. Втората активност која што се спроведе во рамките на проектниот период беше Анализата на состојбите на немнозинските заедници на централно и на локално ниво. Беше направена компаративна студија за степенот на имплементација на Охридскиот рамковен договор и интеграцијата на немнозинските заедници на национално ниво. Преку оваа активност беше направена анализа на прифатената легислатива, интервјуа со владини претставници, политички партии, граѓански организации и граѓаните. Анализата содржеше препораки кои беа претставени пред релевантните субјекти. Во текот на проектот беа спроведени две обуки за заштита на човековите права, со особен фокус на малцинските права. Обуките беа наменети за членовите на советите во општините, членовите на Комисиите за односи помеѓу заедниците, како и за локалните граѓански организации кои се занимаваат со малцинските права. Обуките имаа за цел да ја подигнат свеста за малцинските права, неопходноста за нивно почитување како еден од условите за воспоставување на добри односи помеѓу различните етнички групи. Првата обука се одржа од 18-19 декември 2009 г. за 20 учесника, додека пак втората обука се одржа од 21-22 декември 2009 г. исто така за 20 претставника од општините Гостивар, Кичево, Дебар и Струга. Како тесно грло на проектот може да се нагласи доцниот почеток на процесот на мониторингот, кој главно беше предизвикан затоа што во периодот од Јануари до Април се одржуваа локалните избори и во тој период советите не одржуваа седници. Проектот се спроведе во периодот од 01 март – 31 декември 2009 г. МЦМС го координираше и набљудуваше спроведувањето на проектот. Вкупните трошоци за проектот изнесуваат 1,228,315 МКД.
|