Стекнување на искуства од позитивни иницијативи и проекти во руралните заедници |
Искористувањето на прет-пристапните ЕУ фондови пред се зависи од капацитетот на земјата корисник за апсорпција (повлекување и искористување) на средствата. Искуствата покажуваат дека прет-пристапните ЕУ фондови се успешно искористени во само неколку држави кои го поминале или го поминуваат патот за приклучување кон ЕУ, додека во повеќето останати држави процентот на искористување на средствата од ЕУ фондовите се оценува како незадоволителен. Размената на искуствата и споделувањето на успешните практики и модели за улогата на руралните општини и асоцијациите на руралните општини во искористување на прет-пристапните ЕУ фондови за рурален развој и дискусија за нивна можна примена во македонскиот контекст ќе придонесе за подобрување на капацитетот и позиционирањето на руралните општини како еден од битните актери за поуспешно искористување на ЕУ поддршката за рурален развој. Општа цел на проектот беше изградена (подобрена) јавна поддршка за руралните и други мали заедници. Цел на проектот беше придонес кон зголемено вклучување на руралните заедници во планирање и искористување на ЕУ поддршката за рурален развој. Целна група на проектот беа жителите од руралните општини. Целното подрачје беше национално и ги опфати руралните подрачја на целата територија на Република Македонија. Остварени резултати со проектот се: Разменети искуства и научени лекции за успешните практики и модели на искористување на ЕУ поддршката за руралниот развој во Република Словенија, и Споделени позитивни практики и модели за искористување на ЕУ поддршката за проекти за рурален развој, со посебен осврт на искуствата од Р. Бугарија. Активностите преку кои се постигнати горе наведените резултати беа: Студиска посета на руралните општини Кунгота и Бенедикт во Република Словенија, која се одржa од 20 до 22 ноември 2008 година. На студиската посета учествуваа 7 учесници: 4 членови на Комисијата за рурален развој при ЗЕЛС (Стојан Лазарев Градоначалник на Општина Конче, Власта Димковиќ Градоначалник на Општина Старо Нагоричане, Борис Гаврилов Градоначалник на Општина Карбинци, Васил Радиноски Градоначалник на Општина Вевчани), Виктор Јанев од Агенција за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој (АФПЗРР), Вилијам Христовски од ЗЕЛС, и Миодраг Колиќ од МЦМС. Студиската посета имаше за цел информирање за словенечките искуства во искористувањето на прет-пристапните ЕУ фондови за рурален развој преку посета на практични примери и искуства од две рурални општини од Словенија. Иницијативите и проектите за развој на руралните заедници Кунгота и Бенедикт изворно беа презентирани од Градоначалникот на Општина Кунгота Игор Стропник, Градоначалникот на Општина Бенедикт Милан Гумзар и Заменик-Градоначалник на Општина Бенедикт Јанез Зорко. Конференцијата на тема Руралните општини и ЕУ поддршката за рурален развој во Македонија – националните искуства и регионалните практики, со посебен осврт на искуствата од Р. Бугарија се одржа во хотелот “Холидеј Ин“ во Скопје на 11 декември 2008 г. На конференцијата присуствуваа 39 учесници, од кои 30 беа мажи а девет жени. Структурата на учесниците беше следна: единици на локална самоуправа 25, невладини организации 8, владини агенции/тела 4, и деловни субјекти 2. Конференцијата имаше за цел размена на искуствата и споделување на успешните практики и модели за улогата на руралните општини и асоцијациите на руралните општини во искористување на пред-пристапните ЕУ фондови за рурален развој. Главна тема на конференцијата беа искуствата од Република Бугарија со овие фондови, презентирани од Д-р Мирослава Георгиева, Директор на Дирекцијата за рурален развој при Министерството за земјоделие и храна на Република Бугарија. Стојан Лазарев, Претседателот на Комисијата за рурален развој при ЗЕЛС и Градоначалник на Општина Конче ги презентираше Искуствата и состојбите со руралниот развој во Р. Македонија. Конференцијата ја отвори и водеше Димче Митрески Раководител на Одделението за Развој при МЦМС. МЦМС имаше одговорност за управување на проектот, а заедно со ЗЕЛС имаа одговорност за негово спроведување. Временскиот период на спроведување беше 14 октомври – 30 декември 2008 година. Буџетот на проектот изнесува вкупно 382.888,00 МКД (директни трошоци). МЦМС обезбеди 100 % од средства кои се донација на ЕЕД од Германија.
|