Профил на мојот пратеник |
Автори: Сашо Клековски, Даниела Стојанова Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), Институтот за демократија Социетас цивилис - Скопје (ИДСЦС) и Македонскиот институт за медиуми (МИМ) во април 2011 г. започнаа повеќе заеднички активности за вонредните парламентарни избори, кои вклучуваат истражувања, набљудување на изборните програми и кампањи, на медиумите, на изборната администрација и на денот на гласањето. Како почетна активност беше испитано јавното мислење за карактеристиките на пратеникот за кој граѓаните би го дале својот глас и други причини заради кои би го дале гласот за една од предложените пратенички листи. Граѓаните беа запрашани за вредностите кои треба да ги поседува кандидатот за пратеник за кој ќе гласаат тие, потоа за неговата професија, етничката припадност и сл. Анкетата покажа дека на граѓаните им е најважно пратеникот да биде чесен (71,6 %). Следни по важност вредности за граѓаните се одговорноста (30,6 %) и трудољубивоста 30,1 %). Вредности на кои граѓаните најмалку обрнуваат внимание кога се во прашање пратениците се заштитата на природата (1,9 %) и религиозноста (2,4 %). Што се однесува до професија од која би сакале да дојде пратеникот, најголем број од граѓаните се изјасниле за пратеници кои имале самостојна професионална дејност (60,2 %), потоа лекари (33 %) и професори/наставници (30,1 %). Најмалку посакувана професија на пратеникот за граѓаните е спортист (2,9 %) и лице од шоу бизнисот (3,4 %). Секој четврти граѓанин би гласал за кандидати од друга етничка заедница, а мнозинство (61,7 %) не би го направиле тоа. На граѓаните им е важно на пратеничките листи да има жени (51,8%) и млади луѓе до 27 годишна возраст (30,3%). Повеќе информации за резултатите од истражувањето видете во извештајот.
|