Локална презентација на „Злосторство без казна“ |
Среда, 29 декември 2010 09:45 | |||
МЦМС во соработка со неколку локални организации во периодот од 21 до 24 декември организираше информативни настани на тема „Механизми за борба против корупцијата – искуства од Бугарија“ на кои меѓу другото беше претставен извештајот за борба против корупција во Бугарија „Злосторство без казна“. Целта на настаните беше локалните засегнати страни да се запознаат со искуството од Бугарија и да се отвори дискусија како може да се даде придонес за спречување на коруптивни дејствија со кои Македонија се соочува и може да се соочи во иднина. На сите четири настани, покрај еден претставник од МЦМС кој го презентирање извештајот „Злосторство без казна“, беше присутен и еден претставник од Државна комисија за спречување корупција (ДКСК) кој ги презентираше законската рамка за спречување на корупцијата и судирот на интереси во Република Македонија, надлежностите на Комисијата, работата, досегашните активности и планови за иднина. Присутните се интересираа и коментираа за повеќе прашања кои се однесуваат на функционирањето на ДКСК и нивната улога во антикорупциските процеси. Некои од прашањата се однесуваа на бројот на предмети кои пристигнуваат и се разгледуваат од ДКСК на годишно ниво како и на бројот на предмети и случаи кои се поведуваат по иницијатива на самата Комисија и дали има резултати и решени случаи. Имаше и прашања за конкретни актуелни случаи поврзани со корупција во Република Македонија. Присутните се интересираа и за организациската структура на Комисијата и надлежностите на нејзините членови. Еден од позначајните предлози за во иднина од страна на локалните организации беше разгледување на можноста за отворање канцеларии на ДКСК надвор од Скопје (по примерот на канцелариите на Народниот правобранител). Настаните беа организирани во Гостивар - со поддршка на Асоцијација за демократски иницијативи (АДИ), во Битола - со поддршка на Форумот за граѓански организации, во Струмица - со поддршка на Центарот за одржлив развој „Порта“ и во Велес - со поддршка на Фондација за локален развој и демократија „Фокус“.
|