Започна замената на прозорците во о.Аеродром |
Среда, 18 август 2010 14:29 | |||
Замената на прозорците во три основни училишта и една градинка во општината Аеродром ќе овозможи поквалитетно одвивање на наставата и подобрување на енергетската ефикасност. Отпочнувањето на работите беше одбележано денес (18 август 2010 година) во училиштето „Блаже Конески“. „Ми претставува голема чест и задоволство да ве информирам дека проектот Форуми во заедницата влезе во својата финална фаза“, рече во своето обраќање Ивица Конески, градоначалник на општината Аеродром. „Овој проект започна со реализација минатата година, на форумските сесии. Ги прашавме граѓаните што сакаат да биде реализирано со заедничките средства на Швајцарската амбасада и општина Аеродром, граѓаните го одбраа токму овој проект замена на прозорците во основните училишта „Блаже Конески“, „Браќа Миладиновци“, „Гоце Делчев“ и градинката „Изворче“, додаде тој. Според Никол Вурш, амбасадорка на Швајцарија во Република Македонија, „поважно од самиот проект е начинот на кој се дошло до проектот, односно, програмата Форуми во заедниците, финансирана од Швајцарската агенција за развој и соработка. Програмата предлага механизам на граѓанско учество во процесот на одлучување на локално ниво, им овозможува на граѓаните да ги дефинираат општинските проблеми и да најдат решенија низ јавни дебати“, кажа Вурш. Замената на прозорците ќе чини околу 7,1 милион денари, од кои 4 милиони се донација од амбасадата на Република Швајцарија, а 3,1 милион се придонес на oпштина Аеродром во целиот проект. Проектот е плод на речиси едногодишната работа на МЦМС, Единицата за координација на форуимите и администрацијата на општина Аеродром со жителите на општината.
|