Граѓаните на Радовиш и Конче избраа во што ќе ги вложат средствата од Форумите - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Граѓаните на Радовиш и Конче избраа во што ќе ги вложат средствата од Форумите PDF Печати Е-пошта
Петок, 26 март 2010 13:59

Вчера, на последната форумска сесија, граѓаните на општините Радовиш и Конче со своето гласање предност му дадоа на проектот „Техничка опрема за одржување на канализациската мрежа“. Вкупниот буџет на проектот изнесува 9.851.000 МКД. Од нив 6.000.000 ги обезбеди Швајцарската агенција за развој и соработка, а останатите средства ги обезбедуваат двете општини.

Граѓаните на Радовиш и Конче избраа во што ќе ги вложат средствата од Форумите

Повеќе од стотина граѓани од двете општини дојдоа на гласачката сесија за да ја демонстрираат својата волја за учество во креирањето на политиките на општините и да го завршат процесот што го започнаа во октомври минатата година.

„Би сакала да им се заблагодарам на донаторите, на МЦМС и на двете општини за можноста што ни ја дадоа на нас како граѓани да придонесеме со нашите дискусии, мислења и предлози  и да одлучуваме за што ќе биде употребен овој фонд“, рече Лилјана Лазарева, учесничка на форумската сесија. „Се надевам дека ваквата пракса ќе продолжи и во иднина“, додаде таа.

Низ седум форумски сесии граѓаните разговараа за проблемите и можните решенија на тие проблеми. Формулираа четири концепти со кои требаше да се решат дел од тие проблеми. Потоа концептите ги преработија во предлог проект и ги доставија на мислење во Програмскиот одбор. Три од проектите се стекнаа со правото да бидат на гласачките листи и за нив гласаа граѓаните.

„Вие граѓаните покажавте дека сте подготвени да учествувате во креирањето на политиките на општините“, рече во своето обраќање Миодраг Колиќ од Единицата за координација на форумите. „Се надевам дека овој модел кој веќе се покажа како успешен и понатаму ќе го применувате и дека ќе стане дел од институционалната пракса на двете општини“.

Граѓаните на Радовиш и Конче избраа во што ќе ги вложат средствата од Форумите

Со проектот се предвидува набавка на две возила, од кои едно специјално возило со потисно дејство за општина Радовиш и еден трактор со цистерна под висок притисок за општина Конче, набавка на соодветен алат за тековно одржување на опремата и обука на кадар за правилно користење на опремата. Ова ќе придонесе да се намали загадувањето на почвата и подземните води со  што би се намалил ризикот  од можни зарази и епидемии. 

„Верувам дека граѓаните го избраа проект што во моментов им е најприоритетен“, рече во своето обраќање Димче Митрески од МЦМС. Тој изрази задоволство од посветеноста на граѓаните на овие форуми, од нивната активност за време на сесиите и на работилниците и од соработката и комуникацијата што на тие средби биле остварена.

Двајцата градоначалници изразија благодарност до донаторот и организацијата што ги спроведуваше форумите (МЦМС), до граѓаните кои беа дел од овој процес и изјавија дека не само овој, туку и другите проблеми за кои разговараа граѓаните ќе бидат дел од проектите на општините.

„Да продолжите да работите на решавањето на проблемите од областа на водоснабдувањето“, им рече Јанка Стојчева на градоначалниците при предавањето на препораките од граѓаните, „за кончено да се затвори проблемот со водоснабдувањето и граѓаните да живеа онака како што заслужуваат, во чиста и здрава околина со остварено право на вода“. Препораките ги вклучија сите проблеми за кои граѓаните дискутираа, а не се дел од одобрениот проект.

 
Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Граѓаните на Радовиш и Конче избраа во што ќе ги вложат средствата од Форумите