Крајните корисници се прв приоритет при спроведувањето на активностите поддржани од ГЦЕРФ |
Вторник, 15 ноември 2022 15:16 | |||
Вкупно 17 претставници на осум конзорциуми кои спроведуваат проекти финансирани од Глобалниот фонд за ангажираност и отпорност на заедницата (ГЦЕРФ) на 9 ноември 2022 година разговараа за главните предизвици од спроведувањето на предвидените активности, научените лекции за процесите на ресоцијализација, рехабилитација и реинтеграција (РРР) воопшто, главните влијанија, успешни приказни и искуствата со националните институции. Сите проекти се насочени кон поддршка на повратниците од странските боишта и нивните семејства, но во поширока смисла ги опфаќаат и заедници како и институциите кои работат на оваа проблематика. Еден од поголемите предизвици со кои се соочуваат организациите при спроведувањето на планираните активности е инфлацијата предизвикана од економската и енергетската криза. Покрај тоа, тие се осврнаа и на институционалните предизвици. Армела Џахо од Институтот за демократија и медијација (IDM) од Албанија зборуваше за активностите во училиштата. Според неа, со указ од Министерството за образование, граѓанските организации можат да спроведуваат само активности кои се дел од регуларната наставна програма, а наставниците се под притисок обидувајќи се да вметнат дополнителни програми за учениците. За организацијата Советодавна линија за жени и девојки (Counselling Line for Women and Girls) од Албанија еден од проблемите е да одржат континуитет на учеството децата на повратниците од странските боишта во активностите планирани за нив. Ејнџ Пепа од CLWG истакна дека дел од нивните активности се и приватни сесии со деца од семејствата на повратниците на кои не секогаш може да се одржи динамиката заради различни причини. За мотивација на корисниците и подигање на нивната волја за соработка тие обезбедуваат и друга поддршка во соработка со Канцеларијата за заштита на децата. Албана Изети од Terre de Hommes од Албанија како најголем предизвик ја истакна промената во хиерархијата на Националниот координативен центар за превенција и спречување на насилниот екстремизам. Имено, до мај 2022 година овој центар беше под директна надлежност на премиерот, но од тој датум наваму е под надлежност на Министерството за внатрешни работи. Сите овие промени придонесоа за пролонгирање на усвојувањето на Националната стратегија, која е комбинација од борба против тероризмот и спречување насилен екстремизам. Учесниците се осврнаа и на предизвиците во работата со медиумите. Крешник Гаши од БИРН Косово истакна дека имаат добра соработка и поддршка од медиумите, додека Ејнџ Пепа од Counselling Line for Women and Girls го истакна феноменот на сензационализација на оваа тема и предизвиците во создавањето содржини за социјалните медиуми како Youtube. Афродита Муслиу од Нексус-граѓански концепт и Назиф Авди од Македонското здружение на млади правници (МЗМП) зборуваа за процесот на подготовка на новите стратешки документи на Националниот комитет за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам, а Мерал Мусли Тајроска од организацијата Плеиадес ги сподели искуствата од директната работа со повратниците од странските боишта и нивните семејства, градењето доверба и поддршката во остварувањето на нивните права. Учесниците се согласија дека работата на терен, со директните корисници, предизвикала промени во нивните првични планови но тие биле нужни за да се излезе во пресрет на потребите на они за кои се наменети активностите. Размената на искуства со колегите од регионот е одлична можност за учење едни од други и полесно соочување со предизвиците во спроведувањето. Состанокот на Неформалната регионална платформа е дел од програмата Пат кон отпорност и реинтеграција на ранливите семејства во заедницата (РРП) што ја спроведува МЦМС во партнерство со НЕКСУС – граѓански концепт, Иницијатива за европска перспектива, Плеиадес и Хоризон Цивитас, а финансиски е поддржана од ГЦЕРФ.
|