Перцепции за повратниците од странките конфликти - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Перцепции за повратниците од странките конфликти PDF Печати Е-пошта
Четврток, 30 јуни 2022 15:17

МЦМС ги истражуваше перцепциите на граѓаните за повратниците од странските боишта. Со телефонска анкета беа опфатени 800 граѓани од општините Арачиново, Бутел, Гази Баба, Куманово, Сарај, Студеничани, Тетово и Чаир. 

infographic MK

Инфографик 1: Перцепции за заканата од повратниците од странските конфликти

Инфографик 2: Перцепции за реинтеграција на повратниците од странските конфликти

Инфографик 3: Перцепции за вклученоста на институциите во реинтеграцијата на повратниците од странските боишта

Истражувањето покажа дека мнозинство од анкетираните граѓани од опфатените општини гледаат закана во повратниците од странските боишта. Како општа закана ги гледаат 55% од испитаниците, тој процент расте до 59% кога е во прашање ширењето на радикална идеологија, а уште поголем е за негативното влијание во заедницата и изнесува 63%. И покрај тоа, во пошироката слика на проблеми, граѓаните предност им даваат на егзистенцијалните прашања како што е невработеноста (32,9%) економијата (19,0%) или нискиот животен стандард (17,3%). На оваа листа, екстремниот тероризам е на 12 место и за него се изјасниле помалку од 1% од испитаниците. Повратниците од странските конфликти не се високо на листата на безбедносни закани за испитаниците. За најголем број од нив, тоа е политичката нестабилност (48,7%), додека меѓународните терористички групи се на 6 место (5,2%). 

Ретки се граѓаните кои имале контакти со повратниците, вкупно 8,1%, а 44,1% не познаваат повратници, не познаваат луѓе кои знаат повратници и немале контакти со нив или нивните семејства. Граѓаните најчесто ги гледаат жените и децата на повратниците како жртви, а не како актери во конфликтите. 

Што се однесува до реинтеграцијата на повратниците во заедницата, мнозинство од анкетираните граѓани сметаат дека треба да им се даде втора шанса на повратниците и нивните семејства. Поголема е поддршката кога станува збор за активностите на државата и невладините организации за реинтеграција на овие граѓани. Помала, но сепак мнозинска е личната поддршка, односно подготвеноста за преземање активности поврзани со повратниците и нивните семејства. 

Семејствата се клучот за реинтеграција сметаат испитаниците. Покрај нив, клучна улога имаат Центрите за социјална работа, граѓанските организации и верските заедници. Наодите укажуваат дека покрај Центрите за социјална работа кои треба повеќе да бидат вклучени во реинтеграцијата на повратниците, треба да се вклучат и верските заедници, граѓанските организации и медиумите. Со други зборови, овие се перципирани како „агенти“ на реинтеграцијата.

Некои од резултатите покажуваат дека заедницата има извесна отпорност кон феномените насилен екстремизам и тероризам. Мнозинство од испитаниците би разговарале со свој/а близок/ска за нивната намера да одат на странските боишта. Малку над 10% нема да ја пријават оваа намера во било која од институциите. На заедниците им недостасуваат „неформални лидери“ кои би знаеле да ги насочат граѓаните каде ги бараат решенија за нивните проблеми.

Примерокот е репрезентативен за општините опфатени со анкетата и тоа според пол, возраст, работен статус, образование и населено место. Анкетирањето е направено во периодот од 20 до 28 октомври 2021 година. Анкетата ја спроведе М-Проспект, анонимно, според сите стандарди за доверливост и заштита на личните податоци.

Анкетата е дел од програмата „Пат кон отпорност и реинтеграција на ранливите семејства во заедницата (РРП)“ што ја спроведуваат Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), Нексус – граѓански концепти, Иницијативата за европска перспектива (ИЕП), Хоризон Цивитас и Плеиадес, а финансиски го поддржува Глобалниот фонд за ангажираност и отпорност на заедницата – ГЦЕРФ.

 
Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Перцепции за повратниците од странките конфликти