Започна шестиот „РОДУМ ОД МАКЕДОНИЈА“ (Birthright Macedonia) - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Започна шестиот „РОДУМ ОД МАКЕДОНИЈА“ (Birthright Macedonia) PDF Печати Е-пошта
Петок, 01 јули 2022 15:05

Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Обединетата македонска дијаспора (ОМД) денес (1 јули 2022 година) го започнаа шестиот по ред „Родум од Македонија“ (Birthright Macedonia), а 12 студенти САД, Канада, Велика Британија и Швајцарија го почнаа тринеделниот студиски престој во Македонија. На настанот со кој беше означен почетокот учествуваа сите студенти, а преку видео врска од Соединетите Американски Држави се вклучија и Питер Далас, идејниот творец на овој проект и Мето Колоски од ОМД. 

brm 2022 1

Џејмс Трентос (James Trentos), Александар Крстовски (Aleksandar Krstovski), Ела Ерскин (Ella Erskine), Нина Ерскин (Nina Erskine), Ангела Ефремова (Angela Efremova), Мила Кулевска (Mila Kulevska), Ангела Јосифовска (Angela Josifovska), Александар Петрушевски (Alexandar Petrusevski), Александра Влчевска (Alexandra Vlcevska), Христијан Доумкос (Christian Doumkos), Наум Хофман (Naum Hoffman) и Метју Костов (Matthew Kostoff) ќе бидат на студиски престој кој е комплементарен на нивните академски цели, на нивната кариера или на нивните општи интереси. Праксата ќе ја обавуваат во Министерството за правда, Министерството за финансии, Управа за јавни приходи – Регионален директорат во Битола, Музејот на македонската борба, Битолска лабораторија, Адвокатска канцеларија Спирески, Адвокатскo друштво ДДК, BtoBet, iSOURCE, Зоотроп студио, Еко свест и МЦМС. За време на нивниот престој, дел од нив ќе живеат со семејства-домаќини и одблизу ќе можат да го видат секојдневието и културата на Македонците. МЦМС организира и дополнителни активности за време на викендите кога студентите ќе можат да ги посетат значајните културни манифестации што ќе се одвиваат во тој период. 

„Оваа година Родум од Македонија има два своевидни куриозитети“, вели Питер Далас. „Ќе дочекаме најголема до сега група млади луѓе, вкупно 12 и за прв пат Родум од Македонија го организираме и надвор од Скопје, односно во Битола“. 

Питер Далас, член на Советот на ОМД, е роден во САД а има потекло од Гевгелија и од Егејска Македонија. Причината за почнувањето на овој проект е неговата загриженост од слабеењето на врските на Македонците со нивните корени. „Врските слабеат особено кај младите од најпрвите генерации Македонци кои живеат во странство заради растечката асимилација. Затоа, сакав да направам нешто за да им помогнеме на Македонците во странство да ја задржат нивната врска со татковината“, вели тој.

„Родум од Македонија“ започна во 2015 година и се организираше во континуитет до 2019 година. Проектот беше ставен во мирување две години заради пандемијата предизвикана од Ковид-19. Дел од учесниците од претходните години го нарекоа престојот во Македонија ‘неверојатно искуство’ што треба да го има секој млад човек со потекло од Македонија. Дел од нив беа трета генерација родена надвор од Македонија, а прва кога се враќа во Македонија по иселувањето.  

Примарната цел на „Родум од Македонија“ (Birthright Macedonia) е младите Македонци кои се родени и живеат надвор од државата да го запознаат нивното културно наследство и да воспостават контакти и пријателства меѓу себе и со нивните врсници во Македонија. Покрај тоа, ваквите активности можат да ја зајакнат довербата и да придонесат кон поинтензивна соработка со дијаспората. 

 
Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Започна шестиот „РОДУМ ОД МАКЕДОНИЈА“ (Birthright Macedonia)