Ланецот за борба против корупцијата не функционира ако затаи барем една од институциите во него |
Вторник, 05 април 2022 15:38 | |||
Корупцијата е проблем кој нѐ загрижува сите и затоа треба сите заедно, Владата, надлежните институции, невладиниот сектор да работиме на креирање на антикорупциски политики и на нивно доследно спроведување, се согласија учесниците на првиот ден од Националната работилница за имплементација на Конвенцијата на Обединети Нации против корупција (УНКАК), што се одржа денес, 5 април 2022г., во хотелот Холидеј Ин во Скопје. За Вицепремиерката Славица Грковска треба да се работи на воспоставување систем за борба против корупција кој ќе функционира професионално, транспарентно и ефикасно, без да биде зависен од тоа која политичка гарнитура е на власт и од човечкиот фактор, туку од правилата и прописите. „Спречувањето на корупцијата е процес во кој треба активно да бидат вклучени сите институции, Министерството за внатрешни работи, Финансиската полиција, Обвинителството, ДКСК, ДЗР и сите останати институции. Бидејќи ако една од нив затаи, овој ланец не може да функционира соодветно, а процесот нема да биде ефикасен. Заедно со надлежните институции и со граѓанскиот сектор градиме системски пристап во креирањето и имплементирањето на антикорупциските политики “, рече Грковска. Претседателката на ДКСК Билјана Ивановска се согласува дека воспоставување на овој систем е неопходно поради тежината на проблемите што ги предизвикува корупцијата, која ги поткопува институциите, демократските и моралните вредности и правдата. „Ова не е локален проблем, туку транснационален, што ги напаѓа сите општества и економии апсорбирајќи значаен дел од јавните пари. За ефикасна превенција е неопходен глобален и мултидисциплинарен пристап, особено непосредна соработка и поддршка меѓу државите и поддршка од граѓанскиот сектор за поефикасно справување“, додава Ивановска. Осврнувајќи се на работата на институцијата со која раководи, таа истакна дека иако буџетот наменет за ДКСК се зголемува, нејзините финансиски и човечки ресурси остануваат недоволни, бидејќи нејзините надлежности постојано се прошируваат. И покрај овие проблеми, нагласи Ивановска, Комисијата работи максимално во рамки на можностите, но, потенцира таа, нема задоволувачки одговор од другите органи. Министерот за правда Никола Тупанчески се осврна на Конвенцијата на ОН против корупцијата која, како што кажа, претставува единствен, обврзувачки, антикорупциски универзален механизам или инструмент првпат во историјата на човештвото, потенцирајќи дека претставува и сеопфатна алатка за адекватен, соодветен одговор на современите предизвици во борба против корупцијата. „Овој механизам не само што е релевантен во однос на креирање на политиките за сузбивање на корупцијата, огромен е бројот на членки држави кои го потпишаа како документ, кои го имплементираа во своето законодавство, а и нашата држава не заостанува во однос на она што се нарекува имплементација“, рече Тупанчески. Во нашата држава, како што истакна, иако има седум институции кои се специјализирани за борба против корупцијата сепак останува и натаму сериозна работа во однос на постигнувањето на целта. Посочи и дека се обидуваат да ги констатираат и решат аномалиите кои произлегуваат од ваквите состојби. „Во моментов веќе е најавено формирање работна група во Министерството за правда во оној дел каде најмногу потфрливме, односно онаму каде треба да биде извршена конфискацијата – работна група за изработка на законот за управување со одземен имот“, најави Тупанчески. Бил Вуд, раководителот на УНОДЦ програмската канцеларија во Република Северна Македонија, истакна дека граѓанското општество е клучен фактор и нивната улога се наоѓа во Центарот на стратегијата на УНОДЦ, потенцирајќи притоа дека тесната соработка меѓу разните засегнати страни вклучително и граѓанското општество е од суштинска важност за да се овозможи соодветна имплементација и политички заложби. Стратегијата на УНОДЦ за 2021/2025, како што вели, има за цел активно да го поддржува граѓанското општеството, медиумите и академијата со цел нивно активно ангажирање во спречувањето и борбата против корупцијата. „Корупцијата и организираниот криминал се нераскинливо поврзани едно со друго и кога зборуваме за поткуп и сите негови форми и потребата од транспарентност, мора да запаметиме дека организиран криминал вирее во заедници кои се подложни на поткуп, тоа е многу честа алатка во нивниот бизнис модел и затоа е тоа многу важно да го знаеме сите што се бориме против корупцијата и да бараме транспарентност и отчетност“, рече Вуд. Национална работилница за имплементација на Конвенцијата на Обединети Нации против корупција (УНКАК) се одржува во организација на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и истата продолжува утре.
|