Советот за соработка бара од Владата да ја задржи позитивна пракса за финансирање на граѓанските организации и исполнување на заложбите за реформа на државното финансирање на граѓанските организации |
Четврток, 24 март 2022 16:09 | |||
Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество на прес-конференција одржана денес, 24 март 2022г., пред Влада на Република Северна Македонија, побара да се направи ребаланс на буџетот за да се предвидат средства за реализација на Предлог-Програмата за финансирање на програмските активности на здруженијата и фондациите на Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија за 2022 година. Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество не се согласува со запирањето на постапката за донесување на Предлог-Програмата за финансирање на програмските активности на здруженијата и фондациите на Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија за 2022 година. „Со ваквата одлука, Владата ја напушта досегашната добра пракса за консултации со Советот и со граѓанските организации, што е спротивно на нејзините заложби декларирани во Програмата за работа на Владата 2022-2024 година, особено во делот на обезбедување поволно опкружување за работа на граѓанското општество и реформата на државното финансирање на граѓанските организации“, посочија од Советот за соработка. Советот, како што беше случај и во изминатите четири години, по спроведување на широк процес на консултации со граѓанското општество ја подготви и донесе Предлог-програмата за финансирање на програмските активности на здруженијата и фондациите на Генералниот секретаријат на Владата за 2022 година. За жал, Предлог-Програмата беше тргната од дневен ред на седница на Генералниот колегиум на државни секретари, поради негативно мислење од Министерството за финансии со образложение дека средствата во износ од 15.000.000 денари планирани во буџетот на Генералниот секретаријат се строго наменски. Имено, при разгледување на Дополнетиот-Предлог Буџет, во владина процедура е нотирано дека средствата во висина од 15.000.000 денари ќе бидат наменети за потребите на Црвениот крст на Република Северна Македонија, а за финансирање на програмските активности на здруженијата на граѓани и фондациите се планирани средства во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците. Советот ја поздравува одлуката на Владата да одвои средства за финансирање на граѓански организации во Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците и ги охрабрува другите институции да го следат овој пример. Советот е консултиран и вклучен во програмирањето на приоритетите за финансирање на средствата обезбедени во Министерството за политички систем и овие средства ќе бидат распределени во согласност со приоритетите и целите на ова министерство, кои се однесуваат на обезбедување општествена и социјална кохезија меѓу различните етнички заедници и другите малцинства и ранливи групи во нашето општество. Со Предлог-програмата за финансирање на програмските активности на здруженијата и фондациите на Генералниот секретаријат на Владата за 2022 година, што беше пракса повеќе од 10 години, се дефинираат приоритети и цели кои предвидуваат финансирање на граѓанските организации и нивните активности поврзани со исполнување на приоритетите и реформите дефинирани во Програмата за работа на целата Влада, а не приоритети на едно конкретно министерство или ресор. Се поставува прашањето од кои средства, ако не од средства предвидени во буџетот на Генералниот секретаријат на Владата ќе се финансираат активности на граѓански организации поврзани со реформите во справувањето со корупцијата, владеењето на правото, правосудниот систем, економскиот раст и развој, европската интеграција, итн. „Затоа, сметаме дека одлуката да не се обезбедат средства во буџетот за реализација на Предлог-Програмата на Генералниот секретаријат на Владата за финансирање на програмските активности на здруженијата и фондациите за 2022 година, директно ја поткопува улогата и мандатот за што е основан Советот за соработка меѓу Владата и граѓанските организации и е во спротивност со целите за унапредување на овозможувачката околина за работа на граѓанското општество и реформата на системот на државно финансирање на граѓанските организации утврдени во Програмата за работа на Владата на Република Северна Македонија за периодот 2022-2024 година, како и во спротивност со Стратегија за соработка со и развој на граѓанското општество 2022 – 2024 година“, велат од Советот. Бараме да не се напушта долгогодишната позитивна пракса за финансирање на граѓанските организации од Буџетот на Генералниот Секретаријат на Владата на РСМ во оваа 2022 година, за која сме свесни дека е година на повеќекратна криза - здравствена, енергетска и економскса, со која диспропорционално повеќе се погодени граѓанските организации и пред сѐ граѓаните чие потреби ги задоволуваат и чии интереси ги застапуваат. Ја потсетуваме Владата и јавноста дека крајни корисници на овие средства се граѓаните на оваа држава за полесно да ги надминуваат предизвиците со кои се соочуваат, а кои се драстично зголемени во период на криза. Советот бара итно да се спроведе ребаланс на Буџетот на РСМ и да се предвидат дополнителни 15.000.000 денари во Буџетот на Генералниот Секретаријат на Влада на РСМ на ставката 463 за трансфери до невладини организации кои ќе бидат распределени за граѓанските организации преку јавен оглас, согласно Предлог-Програмата за финансирање на програмските активности на здруженијата и фондациите за 2022 година. Игнорирањето на ставовите на Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество ја доведува во прашање улогата и мандатот на ова тело за чие формирање се водеше децениска битка. Доколку ставот на Владата на Република Северна Македонија не се промени и не се пристапи кон итен ребаланс на буџетот со што ќе се обезбедат дополнителни 15.000.000 денари за реализација на Предлог-Програмата на Генералниот Секретаријат на Владата за финансирање на програмските активности на здруженијата и фондациите за 2022, членовите на Советот од редот на граѓанските организации ќе ја бојкотираат работата на ова советодавно тело сè до конечното решавање на ова прашање.
|