Можат ли да се применат научените лекции од старите, на новите кризи? - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Можат ли да се применат научените лекции од старите, на новите кризи? PDF Печати Е-пошта
Понеделник, 28 Февруари 2022 16:49

„Кризите се различни, но лекциите што ги учиме од нив се слични“, рече во своето воведно обраќање Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии на денешниот (28 февруари 2022 година) Регионален форум насловен како „Влијанието на Ковид-19 врз економијата, со посебен фокус на социјалната економија“. Тој се осврна не само на кризата предизвикана од Ковид-19 туку и на таа во најава, предизвикана од војната меѓу Русија и Украина. Според него, кризата во најава ќе влијае низ пет канали и тоа: зголемување на цените што веќе предизвикува инфлација која, според проценките на Виенскиот институт во Северна Македонија ќе изнесува просечно 5% на годишно ниво. Влијание ќе има и отсуството на директните инвестиции од Русија која, во регионот на Западен Балкан е четврти по големина инвеститор. Покрај тоа, се очекува побавен раст во ЕУ која пак е најголемиот трговски партнер на Западен Балкан и поголеми каматни стапки на меѓународните пазари.

KOVID4

„Една од лекциите која треба да се научи од искуството со Ковид-19 е дека економската криза не може да се спречи“, вели Јовановиќ. Тој истакна дека е важно владите да преземат дејствија и дека оние земји кои во текот на пандемијата трошеле повеќе, полесно се опоравувале. Регулирањето на цените, особено на храната и енергенсите, според него е во ред. Иако пандемијата не правеше разлика меѓу богатите и сиромашните, иако личело дека сите се во иста бура, сепак, не сите имале исти бродови. Тој потенцираше дека пристапот до здравствени услуги за богатите бил полесен. Тој смета дека Владата треба да ја насочи помошта кон помалите компании кои имаат проблем да ја преживеат кризата, а не кон големите профитабилни бизниси. По оваа криза, не треба да се пропушти шансата и да не се направат потребните промени.

Даниела Зампини од Меѓународната организација на трудот истакна дека секоја препорака за политика мора да биде упатена не само до Владите туку и до организациите на работодавачи и синдикатите. Таа ја истакна трансформативната моќ на кризата и ниското ниво на социјална заштита. Според неа, на крстосницата на вработувањето и социјалната заштита треба да се бараат решенијата кои, ако ги нема, за неколку години ќе ги зголемат бројките на пасивно население. „Младите луѓе поминаа лошо во време на пандемијата“, рече Зампини, „не можеа да најдат вработување, останаа со родителите, знаењата и вештините што ги стекнале со текот на времето еродираат“, додаде таа. 

KOVID7

Барбара Садовски, регионален експерт од Полска, Дина Ракин од Коалицијата за солидарен развој на економијата од Србија, Весна Бајшански – Агиќ од Мозаик од Босна и Херцеговина и Анто Јанковиќ од Центарот за економски просперитет и слобода од Црна Гора зборуваа за социјалната економија и социјалното претприемништво во време на Ковид-19. Тие потенцираа дека е потребно да се гради институционалната рамка за овој вид на претприемништво и паралелено да се јакне свеста не само на институциите туку и на граѓаните за придобивките од социјалните претпријатија. Покрај ова, говорниците констатираа дека е потребно да се развива знаењето и вештините на оваа тема особено ако се има предвид дека не постои формално образование на темата, барем не во сите земји. Иако препознаваат дека Ковид-19 ја забрза дигитализацијата, тие сепак потенцираат дека таа, од друга страна, го исфрлила на површина недостатокот на технички вештини.

За придонесот на граѓанските организации во оваа област зборуваа Благица Петрески од Фајнанс Тинк, Ивана Томашевиќ од Бизнис центарот во Бар, Црна Гора, Ариана Гјули од Отворени податоци од Косово и Бранко Радуловиќ од Српското здружение на работодавачи. „Иако не бевме директно вклучено во креирањето на мерките против Ковид-19, сепак, преку нашите анализи, проценки, податоци, индиректно придонесовме за некои од нив“, вели Петрески. Таа смета дека граѓанските организации имаат акумулирано експертиза, посветеност, интегритет со кои можат да се борат за подобри политики. Имајќи го ова предвид, Петрески ја потенцираше потребата за поголемо внимание на прашањата на одржливост на граѓанските организации, вклучително и нивната финансиска одржливост. 

KOVID15

Регионалниот форум го организираше Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) онлајн, на платформата ЗООМ. Учествуваа над 70 претставници на граѓански организации, регионални мрежи, меѓународни организации, академската заедница, приватниот сектор, медиумите, релевантните државни институции и други чинители од  Северна Македонија, Албанија, Косово, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.

Форумот е дел од регионалниот проект „Поттикнување на регионална соработка и одговори на ниво на политики во време на криза“ што го спроведуваат Партнерс Албанија за промени и развој, Македонскиот центар за меѓународна соработка, Центарот за граѓански иницијативи, Центарот за развој на невладини организации, Граѓански иницијативи и Фондацијата за граѓанско општество на Косово. Проектот е финансиран од Балкан траст фор демокраси (Balkan Trust for Democracy), проект на Џерман маршал фонд на САД и УСАИД (German Marshall Fund of the United States). 

 

 
Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Можат ли да се применат научените лекции од старите, на новите кризи?