Доцнат реформите во системот на државно финансирање на граѓански организации на централно ниво - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Доцнат реформите во системот на државно финансирање на граѓански организации на централно ниво PDF Печати Е-пошта
Среда, 29 декември 2021 11:32

Помина уште една година без позначајни поместувања во воспоставувањето нов модел за државно финансирање на граѓанските организации. Овој пат, алиби за недостатокот на реформа беше кризата предизвикана од Ковид-19. Забелешките на граѓанските организации се однесуваат на висината на финансиската поддршка и постапките за нејзино распределување кои се недоволно транспарентни и отчетни.

dfg 2022 1

Во ставката 463- трансфери до невладини организации од Буџетот на државата за 2022 година, планирано е да се доделат вкупно 537.400.000 МКД или нешто над 8,7 милиони евра. Навидум ова е зголемување на државното финансирање во однос на претходните години, но, ако споредбата се прави со претходните години, важно е да се има предвид дека речиси никогаш тие пари не се реализирани во целост. Па така, во 2019 година, од планираните над 8,1 милиони евра биле реализирани над 5,6 милиони евра, а реализацијата на планираните малку под 8 милиони евра во 2021 година ќе ја видиме во првото тримесечие на 2022 година. Во последните три години уделот на државно финансирање од централно ниво во вкупните приходи на граѓанските организации останува околу 5%. Видите повеќе на следниот инфографик: https://www.otcetnigo.mk/wp-content/uploads/2021/09/Infografik-04.jpg

Она што е различно од претходните години е намалувањето на трендот на раст на финансиите кои се доделуваат преку Генералниот секретаријат на Владата. Новина е дистрибуцијата на 20 милиони денари преку Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците. Граѓанските организации сметаат дека е погрешно што Владата не опстоила во континуираното покачување на средствата кои ги доделува преку Генералниот секретаријат. На централно ниво, средства за граѓанските организации доделуваат околу 11 министерства и агенции формирани од Владата во неколку важни сектори како култура, економија, социјална поддршка и развој, млади и спорт, земјоделство и итн. Во нив не се забележани значајни отстапки. Види повеќе на: https://www.otcetnigo.mk/wp-content/uploads/2021/12/DFG-2022.png 

Она што е уште позначајно е што се уште изостанува институционална поддршка за развој на граѓанските организации како и поддршка за ко-финансирање кое треба да се обезбеди за проектите кои ги финансираат останатите донатори, а влијаат позитивно на граѓаните и локалните заедници. За жал, во Северна Македонија заложбите за промена на системот и воспоставување отчетни и транспаренти процеси за доделување средства се само декларативни. Иако, во годишните извештаи на Европската комисија за напредокот на земјата постојано се констатира дека граѓанскиот сектор игра конструктивна улога во поддржувањето на демократските процеси и во обезбедувањето контрола и урамнотеженост на моќта на државата. Но исто така, се констатира и дека финансиската помош за граѓанскиот сектор од страна на државата не е доволна за да ги задоволи потребите на граѓаните и истата не е придружена со јасни и транспарентни критериуми за избор на проекти за поддршка. Ваквата состојба преставува ограничувачки фактор за натамошниот развој на граѓанскиот сектор и ги прави граѓанските организации и понатаму да зависат исклучиво од странските донатори.

На позитивната страна, оваа година се формираше работна група за реформа на системот за државно финансирање, како иницијатива на Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество. Во оваа работна група ќе учествуваат и претставници на граѓанските организации и се очекува во периодот на спроведување на новата Стратегијата на Владата за соработка со и развој на граѓанскиот сектор (2022-2025) да се постигнат клучните реформи во овој систем.

DFG infografik

 

Google translate

Следи нé

FacebookYouTubeTwitterScribdRSS

Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Доцнат реформите во системот на државно финансирање на граѓански организации на централно ниво