Знаења и вештини за посилен граѓански сектор - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Знаења и вештини за посилен граѓански сектор PDF Печати Е-пошта
Среда, 30 декември 2020 11:40

Граѓанскиот ресурсен центар (ГРЦ) ја завршува годината со четири обуки на кои 79 претставници на граѓанските организации ги подобрија знаењата и вештините за добро управување, тематско вмрежување, институционален развој и организациско јакнење и генерирање фондови. Заради пандемијата, обуките беа организирани онлајн, а учесниците високо ја оценија целата организација која им овозможи да се запознаат подобро и да отпочнат идни соработки како таа на здружението „Жртва“ и Ресурсниот центар на родители на деца со посебни потреби за која двете сродни организации склучија меморандум за соработка.

obuka 1

Добро управување базирано на принципите на транспарентност и отчетност

„Особен впечаток ми оставија советите за финансиско управување, односно политиката на врзани потписи, финансиската процедура за набавки, целосната евиденција за сите расходи и приходи во самото здружение“, рече Драгана Костевска од здружението „Жртва“ учесничка на обуката. Покрај тоа, за неа корисни биле и информациите за заштитата на организацијата во однос на правото на донации и прибирање средства, политиката на судир на интереси и политика за јавност на информациите.

Обуката се одржа на 24, 25 и 27 ноември, а учествуваа 19 претставници на граѓански организации.  „Унапредувањето на доброто управување е долгорочен процес во организацијата и затоа, потребна е континуирана поддршка најпрво во освестување за потребата и сегментите од доброто управување, а потоа и во постигнување на повисоко ниво на добро управување“, вели обучувачката Никица Кусиникова. Помалиот интерес на организациите на оваа тема таа го гледа токму во долгорочноста на процесот, односно темата не секогаш е поврзана со секојдневното опстанување на организацијата. „Но, за да може секторот да се развива неопходно е што поголем број на организации да ја зголемат својата свесност и капацитети за доброто управување”, додава таа.

Тематско вмрежување

Вкупно 16 претставници на граѓански организации се стекнаа со знаења и вештини за  здружување и соработка,  научија стратешки подобро да се позиционираат во однос на другите чинители и да градат партнерства, да разберат како функционираат мрежите, како треба да бидат организирани и какви правила и процедури треба да се следат за успешно работење во мрежа. За дел од учесниците, обуката беше почеток за понатамошно надградување на оваа тема па побараа од Граѓанскиот ресурсен центар слични обуки кои би воделе кон директно коалицирање за одредени теми. Обуката за тематско вмрежување, градење партнерства и коалиции беше спроведена на 9, 11 и 13 ноември 2020 година.

obuka 2 980x551

Институционален развој и организациско јакнење

„Одлична обука со добра можност за организациска интроспекција, со голем број на примери на внатрешно регулирање на работењето и добри примери од лично искуство на обучувачот“; „Анализите СВОТ (SWOT) и ПАСТЕЛ (PASTEL), како и поставувањето на индикатори, се особено значајни и интересни за нас”… Ова беа дел од коментарите на учесниците на обуката која се одржа  на 30 ноември, 2 и 4 декември за 22 организации.  Обучувачот Јордан Бајрактаров ја истакна потребата од дополнителни консултации откако учесниците ќе започнат да ги применуваат стекнатите знаења во нивните организации. Според него процесот на менторирање на организациите значително би придонел за зголемување на ефектот од обуката. Имајќи предвид дека Граѓанскиот ресурсен центар нуди менторска поддршка во областа на стратешко планирање, две организации кои учествуваа на оваа обука, веќе побараа, а Граѓанскиот ресурсен центар ја започна менторската поддршка за подготвување на нивниот следен стратешки план.

Генерирање фондови

Оваа обука предизвика најголем интерес кај организациите. Претставници на 22 организации беа поттикнати да размислуваат многу пошироко од генерирање фондови од странски донатори. Тие  ги продлабочија своите знаења за финансирање од јавни институции, генерирање фондови од граѓаните и филантропска поддршка, краудфандинг (crowdfunding), генерирање фондови од бизнис секторот, социјално претприемништво и вршење на економски активности. Обуката беше спроведена на 14, 16 и 18 декември.

Спроведените обуки се дел од годишната Програма за градење капацитети на граѓанските организации на Граѓанскиот ресурсен центар, проект финансиран од Европската Унија а спроведувам од Македонски центар за меѓународна соработка со Медиа Плус од Штип и Асоцијација за демократски инцијативи, Гостивар.

 

Google translate

Следи нé

FacebookYouTubeTwitterScribdRSS

Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Знаења и вештини за посилен граѓански сектор