Справување со Ковид-19 здравствени и економски аспекти и веројатност за вакцинација - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Справување со Ковид-19 здравствени и економски аспекти и веројатност за вакцинација PDF Печати Е-пошта
Вторник, 29 декември 2020 18:50

Средната оценка што граѓаните и ја дале на Владата за справување со здравствениот аспект на Корона кризата е 2,9. На скала од 1 до 5, каде еден е најлоша оценка, а пет најдобра, испитаниците најчесто ја избрале оценката три (32,2%). Нешто повеќе од третина (35,7%) се одлучиле за оценка 1 или 2, додека на другата страна, за повисоки оценки, четири или пет се одлучиле 31,8% од испитаниците. Ова се дел од резултатите од истражувањето на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Телевизија Телма. Во оценките можат да се забележат разлики кај различните етнички заедници па така, етничките Македонци почесто давале негативни оценки во однос на етничките Албанци. Вкупно 40,5% од етничките Македонци ја оцениле владата со оценка еден или два, за разлика од 22,3% кај етничките Албанци. 

gf1

Средната оценка која граѓаните и ја дале на Владата за економските мерки со кои се помага приватниот сектор е пониска и изнесува 2,67. Најбројни се оние кои овие мерки ги оцениле со „еден“ (28,3%) или кажано со терминологијата во училиштата, со „недоволен 1“ и „доволен 2“ економските мерки ги оцениле 44,7% од испитаниците. На другата страна, „многу добар 4“ и „одличен 5“ Владата добила од 27,8% од граѓаните. „Добар 3“ и дале околу една четвртина од нив. 

Етничката припадност влијаела во одговорите на ова прашање. Па така, етничките Македонци почесто ги избирале оценките 1 и 2 (48,4%) за разлика од етничките Албанци (34,3%). 

Иако здравствените експерти најголема надеж за надминување на пандемијата имаат во создавањето на вакцина против Ковид-19, таа надеж веројатно ќе спласне ако се имаат предвид одговорите на прашањето „Колку е веројатно дека би се вклучиле во доброволна вакцинација за Ковид-19?“. Дури 40,9% од испитаниците рекле дека воопшто не е веројатно дека ќе се вакцинираат, а заедно со оние кои рекле дека тоа донекаде не е веројатно се мнозинство од испитаниците или 58,6%.

gf2

Мнозинство од испитаниците (60,5%) сметаат дека здравствените власти немаат капацитет за навремено и ефективно справување со вакцинацијата за Ковид-19. Оние кои сметаат дека постои таков капацитет се околу една третина или 34,7%. Етничките Македонци за околу 13 процентни поени повеќе веруваат дека здравствените власти имаат капацитет, за разлика од етничките Албанци кои пак, за околу 12 процентни поени се побројни меѓу оние кои сметаат дека нема капацитет за спроведување на вакцинацијата.

За МЦМС и Телма, анкетата ја спроведе М-проспект. Анкетирањето на граѓаните е направено преку телефонска анкета во периодот од 16 до 24 декември 2020 година. Анкетата  е направена на национално репрезентативен примерок од 1000 испитаници постари од 18 години. 

 

 
Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Справување со Ковид-19 здравствени и економски аспекти и веројатност за вакцинација