Транспарентноста и отчетноста на граѓанските организации се клучни за довербата во нив - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Транспарентноста и отчетноста на граѓанските организации се клучни за довербата во нив PDF Печати Е-пошта
Вторник, 02 јуни 2020 00:00

Повеќе од седумдесет претставници на граѓанските организации учествуваа на панел дискусијата што ја организираше Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), денес, 2 јуни, 2020 година, преку платформата Зум. Темите за кои разговараа произлегоа од наодите на „Извештајот за управувачките практики за транспарентноста и отчетноста на граѓанските организации“ што го подготви МЦМС врз основа на истражување направено претходната година. 

Transparentnosta i otchetnosta na gragjanskite organizacii se kluchni za doverbata vo niv

Според Милка Ивановска-Хаџиевска, автор на Извештајот, на граѓанските организации не до крај им е јасен концептот на управни и извршни функции. Кај две третини (74%) постои поделба на управните и извршните (менаџерски) функции, а истовремено повеќе од половина (56%) се изјасниле дека вработените, вклучувајќи го и извршниот директор, се членови на управните органи на организацијата со право на глас. Иако не е спротивно од одредбите на Законот за здруженија и фондации (ЗЗФ), сепак претставува судир на функции односно нарушување на внатрешната организациска отчетност според принципите на добро управување. 

Izveshtajot za upravuvachkite praktiki za transparentnosta i otchetnosta na gragjanskite organizaciiНаодите покажуваат дека организациите имаат потреба од пишани внатрешни политики и процедури во повеќе области. Речиси половина од организациите (49%) кои имаат стратешки план, немаат план за набљудување и оценување на стратегијата, а само една петтина (21%) имаат пишан документ за родова еднаквост. Покрај тоа, кога станува збор за транспарентноста, 89% од организациите подготвуваат годишен финансиски извештај, а 83% подготвуваат наративен извештај. Меѓутоа, подготвените извештаи не секогаш се објавуваат па така, 60% од организациите споделуваат годишен финансиски извештај, а 52%, наративен извештај. Иако повеќе од три четвртини од организациите споделуваат контакт детали за организацијата, две третини (67%) не споделуваат информации за вработениот персонал и за членовите на управниот орган. 

За време на дискусијата беа споделени три добри примери за практикување транспарентност и отчетност. Од Националната федерација на фармери (НФФ) се осврнаа на зголемувањето на родовата еднаквост во здружението. Васка Мојсовска, земјоделка и прва жена претседателка на НФФ истакна дека како резултат на нивното залагање, за пет години, бројот на земјоделки пораснал од пет на 150 членови. Тамара Петковска од Млади европски федералисти зборуваше за првиот јавен повик за регрутирање на членови на Управен одбор и за претседател на здружението што покрај транспарентноста, придонесува и за нов квалитет во работењето благодарение на така избраните кандидати. Никица Кусеникова од Конект зборуваше за праксата на јавно споделување на организациските информации, вклучувајќи ги и платите. Таа се заложи за подготовка на етички кодекс како форма на саморегулација во граѓанскиот сектор.

Транспарентноста и отчетноста е клучна за градењето доверба. Ова беше една од темите, за која зборуваше Александар Цеков од Центарот за истражување и креирање политики. Според него, 65% од граѓаните имаат доверба во граѓанските организации.

Transparentnosta i otchetnosta na gragjanskite organizacii se kluchni za doverbata vo niv

Анкетата на која се  темели Извештајот ја спроведе МЦМС во периодот од 19 септември до 20 октомври 2019 година. Прашалниците беа испратени преку LimeSurvey на 2.772 граѓански организации, а пристигнаа одговори од 234 организации регистрирани согласно ЗЗФ. Освен тоа, беа спроведени и осум полу-структурирани интервјуа со претставници на здруженија, донатори и државни службеници кои имаат увид во управувачките практики на организациите со цел да се мапираат нивните перцепции и искуства. 

МЦМС посветено работи на зајакнување на  капацитети за отчетно и транспарентно работење на граѓанските организации и на подигање на свеста овие врвни демократски вредности, да се практикуваат и промовираат од страна на организациите. 

Извештајот е дел од активностите на програмата „Одржливо граѓанско општество - државно финансирање на граѓански организации“ што ја спроведува МЦМС во партнерство со БЦСДН и ЦНВОС од Словенија, а финансиски е поддржана од Европската Унија.

 

 
Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Транспарентноста и отчетноста на граѓанските организации се клучни за довербата во нив