Доделени 10 ад-хок грантови за справување со КОВИД-19 - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Доделени 10 ад-хок грантови за справување со КОВИД-19 PDF Печати Е-пошта
Петок, 17 април 2020 15:52

20200417 ad hok grantovi

Комисијата за избор на грантови ги оцени 62-та концепти на граѓанските организации, поднесени на вонредниот повик за ад хок грантови на Цивика мобилитас (ПЦМ-АДХ-02) за справување со пандемијата Ковид-19.

Добитници на ад-хок грант се 10 организации и тоа:

  • Здружение за еднородителски семејства „ Една може!“, кое ќе пружа поддршка на жени од ранливи категории, со акцент на самохрани родители и членки од еднородителски семејства, жртви на семејно насилство и жени останати без приходи поради вонредна состојба предизвикана од Ковид-19.
  • Здружение за развој на општеството-социјални иновации „Wake Up“ коe ќе креира платформа „Е-психолог“ преку која на безбедно место ќе ги спојат психолозите и граѓаните кои ќе имаат потреба од итна психолошка помош и поддршка во текот на целиот ден.
  • Рурална Коалиција, Куманово, која ќе работи на информирање на пошироката јавност за секоjдневните предизвици со кои што се соочуваат жените од кумановските рурални средини, еден од најпогодените региони со Корона вирусот и ќе обезбеди поддршка за нив.  
  • Здружение за меѓународна младинска соработка „Интерактив“, Битола. Тие ќе работат на анимација и мотивација кај младите од Пелагонискиот регион и пошироко во време на пандемијата, преку употреба на ИТ алатки и социјални медиуми.
  • Здружението за развој на култура, образование и здравство „Кажи добро, Say ОК“, преку симболот на виножитото ќе влијаат на креирање позитивна атмосфера и оптимистички ставови кај населението во едно од најпогодените места од кризата – струшкото Лабуништа.
  • Здружението за поттикнување и промоција на информатиката „Асоцијација на студенти информатичари“ ќе ја надгради платформата covid19.mk на која редовно се ажурираат податоци за кризата од интерес на граѓаните.
  • Македонското здружение за заштита при работа ќе работи на заштитата на работниците изложени на ризик од кризата и ќе ги едуцираат  работниците од услужниот сектор за нивните права и можности во оваа ситуација.
  • Иницијативата за економски развој на Ромите „РЕДИ“ ќе работи на обезбедување пристап до вода и заштитна опрема (маски и ракавици) за 300 ромски семејства во Прилеп и Битола.
  • Здружението за заштита на животни и животна средина „Шепасти ентузијасти“ ќе ги ублажува последиците од пандемијата за бездомните и ранливи лица и бездомните животни.
  • Институтот за истражување и анализа на политики „Ромалитико“ ќе креира систем за мониторинг на хуманитарната помош и полесна координација за дадените донации во ромската заедница.

Новите грантисти дејствуваат во шест различни сектори и тоа најмногу во секторите на здравје и здравствена заштита, човекови права и маргинализирани заедници, но и во секторите за информации и комуникации, родови прашања и култура. Од нив, пет делуваат на локално/општинско ниво, четири на национално и една на регионално ниво во земјата. Вкупниот буџет на овие ад-хок акции изнесува речиси 1 милион денари (940,400 МКД).

 
Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Доделени 10 ад-хок грантови за справување со КОВИД-19