Поголема соработка со општината бараат велешките организации |
Понеделник, 05 ноември 2018 16:22 | |||
Финансирањето од страна на Општина Велес и нејзината соработка со граѓанскиот сектор беше главната тема на средбата на граѓанските организации (ГО) за време на Мобилниот ресурсен центар кој се одржа во соработка со Фондацијата Фокус на 24 октомври 2018 година. Организациите беа согласни дека Општината треба да најде соодветен механизам за вклучување на ГО во своето работење како партнери, со кои заеднички ќе делува за доброто на граѓаните. „Особено е важно граѓанскиот сектор повторно да ја стекне довербата од општините со веќе изграден капацитет, искуство и постигнати резултати и заедно да ја надградат соработката преку креирање нови услуги и сервиси, се со цел да се зголеми квалитетот на живеење на граѓаните во локалните заедници“, истакна Димче Велев од Здружението на лица заболени со дијабетес „Шеќерче- Lollipop“. Тој додаде дека е потребно да постојат сериозни критериуми за соработка и делегирање надлежност кон граѓанските организации, а тие пак, да бидат посветени, транспарентни и отчетни во работата. На средбата, учесниците ги истакнаа своите приоритети како што се: потребата од градење капацитети за подготвување проектни апликации, социјално претприемништво, како и навремено информирање за тековните случувања, активностите и можностите за финансирање на организациите. Тимот на Граѓанскиот ресурсен центар, покрај презентацијата на проектните активности, ги информираше организациите и за надлежностите, составот и функционирањето на Советот за соработка и развој на граѓанскиот сектор, како и за приоритетите и активностите планирани во рамки на новата Стратегија за соработка и развој на граѓанскиот сектор 2018-2020. Граѓанскиот ресурсен центар е проект финансиран од Европската Унија, а спроведуван од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) во партнерство со Асоцијацијата за демократски иницијативи (АДИ) од Гостивар и Медиа плус од Штип.
|