Конференција „Отворено владино партнерство – дијалог со граѓанските организации“ |
Четврток, 26 април 2018 15:02 | |||
Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) со поддршка на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) во рамки на проектот „Националниот ресурсен центар за граѓански организации”, ја организираат конференцијата „Отворено владино партнерство – дијалог со граѓанските организации за Националниот акциски план 2018-2020". Се работи за дводневен настан кој ќе се одржи на 8 и 9 мај 2018 година во Клубот на органите на државната управа, Скопје. Конференцијата ќе ја отворат Дамјан Манчевски, Министер за информатичко општество и администрација, Н.Е. Микаела Швајзер- Блум, Заменик Амбасадор на САД во Македонија, Никола Бертолини, Раководител на секторот за соработка на Делегацијата на ЕУ во Македонија, и Гордана Гапиќ Димитровска, Министерство за информатичко општество и администрација. Првиот ден ќе се дискутира за отвореното владино партнерство и напредокот и резултатите од спроведувањето на Националниот акциски план (НАП) 2014-2016. Презентациите вториот ден ќе се однесуваат на Независниот извештај за прогресот 2016-2017 направен од Механизмот на независно известување, и искуствата и препораките за приоритизација и селекција на предложени заложби. Во текот на денот предвидена е и работа во групи што ќе им овозможи на граѓанските организации (ГО) да дадат насоки и препораки за следниот акциски план за периодот 2018-2020. Целта на конференцијата е да ја промовира иницијативата Отворено владино партнерство меѓу ГО и подетално да ги информира за остварениот прогрес, да создаде простор за дискусија меѓу ГО и владините институции за искуствата и предизвиците во спроведувањето на третиот акциски план и самите да учествуваат во креирањето на новиот. Заинтересираните учесници треба да бидат претставници на граѓански организации кои работат во областите кои се релевантни за Отворено владино партнерство. За учество на конференцијата потребно е да го потврдите своето присуство со испраќање на пополнета пријава за учество на Оваа е-пошта е заштитена од spambots, треба да вклучите JavaScript за да ја видите најдоцна до 4 мај 2018 година. Националниот ресурсен центар за граѓански организации е проект финансиран од Европската Унија.
|