„Да научиме трајно да живееме заедно е предизвик!“ - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

„Да научиме трајно да живееме заедно е предизвик!“ PDF Печати Е-пошта
Четврток, 19 октомври 2017 15:55

„Нема состојба или проблем што не може да се надмине или реши ако има критична маса разумни луѓе, а такви најдов во граѓанскиот сектор“, рече меѓу другото Лилјана Поповска на денешната (19.10.2017 г.) промоција на нејзината публикација „Мултикултурни поврзувања во граѓанскиот сектор во Република Македонија - влијание врз јавните политики и социјалната кохезија“. 

Da nauchime trajno da zhiveeme zaedno e predizvik 1

Според неа и мултикултурализмот и граѓанскиот сектор се своевидни предизвици на времето во кое живееме. „Некои настани циклично ни се случуваат, важно е да ги предвидиме и да интервенираме пред да се случат“, додаде таа. 

Сашо Клековски, како еден од промоторите, истакна дека е мал бројот на автори кои пишуваат за граѓанското општество, а тоа е особено значајно сега кога целиот сектор се стигматизира. Тој се осврна на соработката на граѓанскиот сектор со институциите која, како што рече, ќе биде голем предизвик. „Во нашето општество е создадена перцепција дека граѓанскиот сектор е тој што треба да испорачува услуги. Всушност, институциите се тие што треба да ги испорачаат, а граѓанскиот сектор е тука да нуди решенија“, рече тој. Осврнувајќи се на студијата за Македонското женско лоби, која е дел од публикацијата, Клековски сугерираше тоа добро искуство да се реплицира и на други теми во секторот, но и надвор од граѓанскиот сектор. „Успехот на МЖЛ се должи на вредностите и тоа на оние што со генерации биле негувани во ова општество“.  

Da nauchime trajno da zhiveeme zaedno e predizvik 2

На промоцијата зборуваше и претеничката во Собранието на РМ, Ѓулумсер Касапи која се надоврза на студијата за МЖЛ и резултатите постигнати со нивните активности. Промоцијата ја модерираше Александар Кржаловски, прв извршен директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка, и национален лидер на тимот на Цивика мобилитас.

Публикацијата содржи истражување подготвено врз основа на интервјуа со релевантни испитаници активни во значајни мултикултурни мрежи и движења и студија на случај за Македонското женско лоби. Оваа организација ги обедини жените во борба за поголеми права, надминувајќи ги политичките, етничките и верските разлики, и вршејќи силно влијание врз јавните политики преку внесување четири вида родови квоти во изборните закони.  

Da nauchime trajno da zhiveeme zaedno e predizvik 3

Издавањето на публикацијата е поддржано преку Цивика мобилитас, проекти на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) што ја спрoведуваат Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), НИРАС од Данска и СИПУ од Шведска.

 
Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести „Да научиме трајно да живееме заедно е предизвик!“