Младите со македонско потекло повторно им се вратија на своите корени |
Петок, 28 јули 2017 14:02 | |||
Тајлер Муреј (Tyler Murray), Валентина Талевски, Наташа Петреска, Дилон Огненовски (Dillon Ognenovski), Никол Крингс (Nicole Krings), Џереми Дросинис (Jeremy Drossinis), Илија Влчевски и Џејмс Цветковски (James Cvetkovski) се осуммина млади луѓе со македонско потекло кои живеат во САД, Австралија и Велика Британија и штотуку го завршија својот тринеделен студиски престој во Македонија. Тие беа дел од проектот „Родум од Македонија“ (Birthright Macedonia) кој трет пат го спроведуваа Обединетата македонска дијаспора (ОМД) и Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), како локален партнер. Студискиот престој е комплементарен на нивните академски цели, на нивната кариера или на нивните општи интереси. Учесниците имаа пракса во кабинетот на Претседателот на Република Македонија, на Факултетот за фармација при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, во СОС Детското село, Црвениот крст на РМ, Хелтгрупер, Некстсенс и во Македонската асоцијација за човечки ресурси. „Јас работев во кабинетот на Претседателот. Имавме задача да напишеме документ за зајакнување на врските со дијаспората. Бидејќи студирам бизнис и економија, овој проблем го опфатив од економска перспектива“- рече Илија. „Во иднина би сакал да се вратам на Балканот за да работам во полето на економијата со цел да го подобрам животот на луѓето во земјата.“ Сите беа задоволни од можноста да престојуваат во семејства кои имаат членови на нивна возраст. На овој начин тие можеа одблизу да ги видат секојдневието и културата на Македонците. „Мојата домаќинка направи јас и другата учесничка која е сместена кај неа, да се чувствуваме како три сестри. Уште на почетокот ни рече дека нејзината куќа е наша и дека ќе ни помага за сè што ни е потребно. Верувам дека ова пријателство ќе продолжи и по завршувањето на програмата.“ – рече Валентина. Покрај ангажманот во текот на работните денови, сите осуммина имаа можност да патуваат во текот на викендите и да дознаат повеќе за Македонија. Ја посетија околината на Скопје, потоа Струмица, Пехчево, Колешинските и Смоларските водопади, а последниот викенд беше резервиран за Охрид на кој учесниците најмногу му се радуваа. „Изминатите години, токму учесниците во програмата беа нејзините најголеми промотери. Тие се континуирано вклучени, ги пренесуваат своите искуства со нивните пријатели насекаде по светот и мислам дека токму ним треба да им бидеме благодарни за зголемениот број на учесници оваа година.“- рече Јасмина Чаушоска, координатор на проектот. „Родум од Македонија“ расте од година во година, а досега 18 млади Македонци кои се родени и живеат надвор од државата има можност да го запознаат нивното културно наследство и да воспостават контакти и пријателства меѓу себе и со нивните врсници во Македонија. Како што самите рекоа, прказните на нивните роднини и пријатели не се доволни за да се запознаат со македонската култура, туку мора самите да дојдат и да се уверат.
|