Македонија сама треба да ја реши политичката криза - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонија сама треба да ја реши политичката криза PDF Печати Е-пошта
Петок, 10 Февруари 2017 09:30

Влада на широка коалиција со сите поголеми партии е одговорот за кој се одлучиле најголем број од испитаниците (30,2%), втор најчесто избран одговор е влада формирана со мандат од СДСМ (27,3%), а за влада формирана со мандат од ВМРО-ДПМНЕ се одлучиле 23,5%, покажа анкетата на Телевизија Телма и МЦМС. 

grafikon

Повеќе од половината испитаници (56,5%) не се согласуваат дека новите избори се решение за политичката криза, наспроти 38,6% кои се согласуваат со тоа. Доколку утре се одржат избори, најголемите политички партии од македонскиот блок, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ќе имаат прилично изедначен резултат, 23,3% наспроти 23%. Поддршката за ДУИ е 3,3%, за БЕСА 3,5%, за ДПА 2,2%, а за Алијансата за Албанците, 1,5%.

Мнозинството граѓани (55,2%) имаат негативно мислење за заедничката платформа усвоена од ДУИ, Алијансата за Албанците и Беса. Негативниот одговор е поизразен на прашањето за средбата на претставниците на партиите на етничките Албанци со премиерот на Република Албанија, Еди Рама (63%). Вкупно 58,4% сметаат дека двете македонски политички партии (ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ) треба да формираат своја платформа.

Прашани за продолжување на мандатот на Специјалното јавно обвинителство, мнозинство од 62,8% од испитаниците рекле дека на обвинителството треба да му се продолжи периодот во кој ќе може да покренува обвиненија. За речиси 20 процентни поени е поголема таа поддршка кај етничките Албанци (82,7%).   

Повеќе од половината од граѓаните сметаа дека ЕУ треба да ја остават Македонија сама да се справи со политичката криза (52,8%), иако не е занемарлив процентот на оние кои сметаат дека тие треба повеќе да се инволвираат во нејзиното решавање (45,3%). Малку поголем е отпорот за вклучување на САД (57%). Гледано низ етничка призма, побројни се Македонците кои сакаат сами да си ја решаваат кризата (64,7%) во однос на етничките Албанци (33,8%). 

Сепак, иако поголем процент од граѓаните сметаат дека ЕУ не треба да се меша во кризата, Унијата сепак останува најголем стратешки партнер (31,7%). На второ место е Русија со 21,9% поддршка, а на трето САД со 17,8% поддршка од испитаниците.

На прашањето: Која земја во светот е најпријателски наклонета кон Македонија – најголем дел од испитаниците (45,2%) одговориле „ниту една“. Од оние кои сметаат дека Македонија има пријатели, најголем број се одлучиле за Турција (14,1%), потоа за Русија (10%) па САД (6,6%).

За МЦМС и Телевизија Телма, анкетата ја спроведе М-Проспект. Податоците беа прибирани со телефонска анкета во периодот од 4 до 6 февруари 2017 година. Анкетата е спроведена на национален репрезентативен примерок од 1000 испитаници. Истражувањето е дел од проектот „Топ тема на ваша страна“, што го поддржа УСАИД.

 
Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Македонија сама треба да ја реши политичката криза