Јавни набавки или само имитација? - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Јавни набавки или само имитација? PDF Печати Е-пошта
Вторник, 07 јуни 2016 15:05

Лошото планирање, изборот на основа на најниска цена и недоволниот институционален капацитет за спроведување и контрола на тендерите се дел од наодите од студиите на случаи кои произлегле од следењето на јавните набавки во земјите кандидати за членство во Европската Унија, а кои беа презентирани денес (7 јуни 2016 година) на конференцијата „Надзор врз јавните набавки: ризици од корупција идентификувани од граѓанските организации“ што ја организираа Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Центарот за граѓански комуникации (ЦГК).

Javni nabavki ili samo imitacija

Истражувањето е спроведено од страна на пет граѓански организации во Босна и Херцеговина, во Македонија, во Црна Гора и во Србија, а заради споредливоста на податоците, истражувани се јавни набавки на исти производи.

Во споредбените податоци беше потенцирано дека Македонија најлошо стои во поглед на конкурентноста, односно, на повиците за јавни набавки стигнуваат во просек две и пол (2,5) понуди, што е двојно помалку во однос на претходниот период кога имало во просек по пет понуди. Инаку, вкупната вредност на јавните набавки во земјава во 2014 година изнесувала околу една милијарда евра што било 12% од бруто домашниот производ и 34% од буџетските расходи за таа година.

Во Македонија, фазата на планирање е најслаба“, рече во своето излагање Герман Филков од ЦГК, организацијата што го спроведуваше истражувањето во Македонија. Тој додаде и дека од 2017 година објавувањето на плановите за набавки ќе биде задолжително со што се очекува да се зголеми транспарентноста, но и сериозноста при планирањето. „Најнетранспарентна фаза во процесот на јавни набавки е реализацијата на договорите“, истакна Филков и додаде дека и овој сегмент во 2017 година ќе биде обврска. Тој зборуваше и за целисходноста на набавките, односно за тоа дека никј не прави анализа дали таквата набавка требало да се случи, во тој обем и вид и по таа цена.

Говорниците од Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора ја истакнаа улогата на граѓанските организации во процесот на мониторирање на јавните набавки кои се и единствени што алармираат на ризиците од корупција при јавните набавки. Тие споделија примери од нивните земји и истакнаа дека проблемите се исти во целиот регион - дека наместо јавни набавки се прави имитација на набавки.

Во вториот панел говорниците се задржаа на некои од европските најдобри практики за развој на иновативни решенија за успешно идентификување и следење на јавните набавки со ризик од корупција како што се тие од Унгарија и од Хрватска, а беа презентирани и македонските искуства. Мунир Подумљак од организацијата Партнерство за општествен развој од Хрватска, укажа на важноста на отворените податоци за следење на јавните набавки и обезбедувањето поголема транспарентност и презентираше случаи каде што преку обработка на отворените податоци во јавните набавки може да се дојде до сериозни наоди за корупција од високо ниво.

Агнеш Чибик од Институтот за владина транспарентност од Унгарија ги презентираше наодите од нивните истражувања и се осврна на промените во практиките  за јавни набавки под влијание на промените на политичката сцена, што укажува на влијание на партиите на власти клиентелизам во процесот при јавните набавки. Сабина Факич од ЦГК ги презентираше македонските искуства и ја истакна важноста од директно следење на јавните набавки наспроти статистичката анализа на отворените податоци. Таа укажа и на големиот број на поништени тендери како показател за ризик од корупција, и забележа дека постојат случаи кога се поништуваат тендери на кои не можат да добијат фаворизираните фирми.

Една од препораките на истражувањето е да се искористи процесот на интеграција во ЕУ за да се поттурнат земјите да направат повеќе од минимумот барања.

Истражувањето е дел од проектот „Кон ефикасни механизми на јавни набавки во државите (потенцијални) кандидати за членство во ЕУ“.

Конференцијата се оддржа со поддршка на Програмата на УСАИД за антикорупција што ја спроведува МЦМС во партнерство со Институтот за демократија Социетас Цивилис, Скопје (ИДСЦС), Асоцијацијата за демократски иницијативи (АДИ) и Транспарентност Македонија (ТМ).


Поврзани:

 
Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Јавни набавки или само имитација?