Граѓанското општество партнер во спречувањето на перење пари и финансирање тероризам - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Граѓанското општество партнер во спречувањето на перење пари и финансирање тероризам PDF Печати Е-пошта
Вторник, 28 јули 2015 11:30

Од 14 до 16 jули 2015 гoдина во Сараево, Босна и Херцеговина се одржа регионална работилница на тема „Поддршка во спречувањето на злоупотребата на непрофитните организации за финансирање на тероризам во земјите од Југоисточна Европа“. Организатори на работилницата беа ОБСЕ и Глобалниот центар за соработка за безбедност во соработка со Извршниот директорат на Комитетот на Обединетите нации за спречување тероризам, со поддршка на владата на Босна и Херцеговина и со финансиска поддршка од Соединетите Американски Држави. Од МЦМС учествуваше Симона Огненовска.

Gragjanskoto opshtestvo partner vo sprechuvanjeto na perenje pari i finansiranje terorizam

Целта на работилницата беше едукација за перспективите за соработка меѓу државата и граѓанските организации за поддршка во борбата против тероризмот преку анализа на политики, дијалог и техничка поддршка.

Се разговараше за ризиците од злоупотреба на непрофитниот сектор и за релевантните меѓународни стандарди и нивното спроведување за спречување на финансирање тероризам. Беа претставени неколку национални системи за спречување на злоупотреба на непрофитниот сектор.

Каков е опфатот на граѓанските организации од страна на владите, дали е направена процена на ризици, каков е процесот на собирање на информации и истражување, беше доминантна дискусија вториот ден. Претставниците на организациите зборуваа за функционирањето на системите во пракса, за спречувањето на перењето пари и за финансирањето тероризам кај организациите и какво е нивото на свесност меѓу нив за улогата во борбата против тероризам.

Следните чекори и можните предизвици во секоја од земјите беа дискутирани одделно во две работни групи, составени од државни службеници и од граѓански организации.

Учесниците сметаат дека регулирањето од можна злоупотреба од финансирање тероризам и перење пари треба да ги опфати ранливите организации, без да ги ограничува функционирањето на целиот сектор. Според нив, државните органи треба континуиранo да го поддржуваат секторот за да биде подготвен самиот да се избори од злоупотреба и, да обезбедат пропорционалност на мерките за ефективни резултати.

Што ги прави организациите ранливи и подложни на злоупотреба од терористички групи? Претставничка од Канадската управа за јавни приходи истакна дека тоа можат да бидат: хуманитарни акции во кои се вклучени многу индивидуи, програми со широк опсег на активности и на големи географски растојанија; голем оперативен капацитет и износ на средства со кои располагаат, како и значителен удел на средства од дијаспората. Во тој поглед важна е и организациската култура, односно вредностите кои ги практикуваат организациите, а кои влијаат на довербата кон партнерите. Доминантен метод на злоупотреба на организациите е пренасочување на средства (интерно и екстерно) и тоа најчесто од една индивидуа во организацијата; потоа, поврзаност со терористички ентитети, злоупотреба на програмирањето за поддржување на терористички акции пр. достава на добра, медицински средства при што дел од материјалот е наменет за терористички ентитети и др.

Во поглед на глобалните напори, Платформата Финаншл акшн таск форц (Financial Action Task Force) истакна дека е обезбедено годишно консултирање со граѓанското општество во борбата против тероризам, перење пари и други закани. Освен тоа Платформата, нуди извештаи за рано предупредување, споделување информации и ресурси, подигнување свест, а секако како и алатка за акција.

Експертите на работилницата заклучија дека непрофитниот сектор е од суштинско значење за кохезивни и демократски општества кои се отпорни на тероризам, но сепак тој е ранлив на злоупотреба од терористичко финансирање. Затоа, задача на државите е да се борат против тероризмот, а граѓанските организации треба да бидат сериозни партнери кои ќе ја подржат борбата.

 
Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Граѓанското општество партнер во спречувањето на перење пари и финансирање тероризам