Платформа за антикорупција - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Платформа за антикорупција PDF Печати Е-пошта
Вторник, 09 декември 2014 00:00

Денес (9 декември 2014 година) во Скопје, 15 граѓански организации ја основаа Платформата за антикорупција. Таа цели кон проактивно, динамично и оспособено граѓанско општество кое ќе игра значајна улога во борбата против корупцијата.

Platforma za antikorupcija 2

Платформата, преку заеднички реакции, ќе тежнее да биде коректив на состојбите, а ќе соработува и комуницира со сите засегнати страни вклучувајќи ги државните институции, политичките партии, бизнис заедницата и меѓународната заедница. Ќе ги следи и анализира правната рамка и актуелните јавни политики и активности за сузбивање на корупцијата, ќе иницира јавна дебата за квалитетот на законите и ќе иницира законски измени каде што е потребно.

Ефективноста,  транспарентноста и интегритетот на релевантните институции ќе бидат следени постојано. Особено внимание ќе се обрне на соработката со Државната комисија за спречување на корупцијата и на нејзината работа. Ќе се следи и анализира ефективноста на правосудството како и работата на другите институции (МВР, ДЗР, БЈН, УЈП) во процесирање на случаи поврзани со корупција. Ќе се следи и анализира и транспарентноста и отчетноста на јавните институции со повисок ризик за корупција (судство, полиција, здравство, ЕЛС, инспекции и сл..). Платформата ќе поттикнува и поддржува иницијативи за поголема транспарентност во донесувањето и спроведувањето на Буџетот на РМ и буџетите на единиците на локална самоуправа, а ќе го следи и  финансирањето на политичките партии и користењето  јавните ресурси за партиски интереси. Исто така ќе биде покрената и иницијатива за полесен пристап до (статистички) податоци.

Platforma za antikorupcija 1

Платформата ќе работи и на зголемување на свеста на граѓаните за борба против корупцијата. Ќе бидат иницирани иновативни решенија кои ќе водат кон повисок интегритет на институциите и на граѓаните, ќе бидат поттикнати граѓаните за укажување на случаи на корупција и ќе се поттикне  јавна расправа за ефектот на политичките и на социо-културните фактори кои влијаат на корупцијата.

Членки на Платформата се: Асоцијацијата за демократски иницијативи, Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ Скопје, Истражувачкиот центар за граѓанско општество, Коалицијата „Сите за правично судење“, КОНЕКТ, Македонскиот центар за меѓународна соработка, Метаморфозис, МОСТ, Охрид Институт, Транспаренси Интернешнл Македонија, Транспарентност Македонија, Фондацијата Отворено општество – Македонија, Форум ЦСИД, Центарот за граѓански комуникации и Центарот за истражување и креирање политики.

Platforma Logoa

Програмата на УСАИД за антикорупција е спроведувана од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) во партнерство со Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ Скопје (ИДСЦС), Транспарентност Македонија (ТМ) и  Асоцијацијата за демократски иницијативи (АДИ).

 
Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Платформа за антикорупција