Нов кров за училиштето „Саид Најдени“ во Дебар - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Нов кров за училиштето „Саид Најдени“ во Дебар PDF Печати Е-пошта
Петок, 19 септември 2014 09:11

„Долго чекавме да се реализира овој капитален проект за нашето училиште“, рече Пелумб Франгу директор на основното училиште „Саид Најдени“ од Дебар на свеченото завршување на реконструкцијата кровот  на училишната зграда. „Иако понекогаш бевме скептични и губевме надеж сепак, благодарение на одличната соработка со ХДЗ МЕСЕЧИНА-Дебар и поддршката од МЦМС и ИНСОК и Фондациите Отворено општество од Будимпешта, успеавме да го реализираме овој проект чија вкупна вредност изнесува околу 1,8 милиони денари.

DSC03304

Свеченоста по повод завршувањето на реконструкцијата на кровот на училиштето се одржа на 16 септември 2014 година во просториите на ОУ „Саид Најдени“. „Претходната состојба на кровот на училиштето беше многу лоша. Во сезона на дождови моравме да ставаме кофи и други садови за да се собира водата што течеше од кровот. Вода капеше и во ходниците и во училниците каде што се одвиваше наставата“, ни рече директорот.

Со проектот е заменета целата кровна конструкција, покриена е со пластифициран ребрест лим и ставени се нови олуци. Реконструкцијата се одвиваше за време на летниот распуст па не предизвика проблеми во одвивањето на наставата.

DSC03493

Задоволството од реконструкцијата не го кријат ниту наставниците ниту родителите. Фајредин Џафероски, родител на третоодделенка ни рече дека децата имале проблеми заради лошата состојба на кровот, а и тие како родители биле загрижени. „За време на дожд тие мораа да се преместуваат од еден во друг крај на училницата за да не бидат наводенети од дождот. Сега сме презадоволни од тоа што е направено. Благодарен сум им на сите што беа вклучени во реконструкцијата со која се реши еден голем проблем и за децата и за родителите“, вели Џафероски.

Во претходната учебна година, во училиштето настава посетуваа 510 ученици од кои 112 беа Роми. Реконструкцијата на кровот како проблем беше идентификуван од ромската заедница и треба да придонесе во воспоставувањето дијалог помеѓу општинската администрација и Ромската заедница во Куманово. Проектот е дел од програмата Пристап на Ромите до фондови (ПРФ) што ја спроведува МЦМС во партнерство со ИнСоК, а ја финансираат Фондациите Отворено општество од Будимпешта.

 
Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Нов кров за училиштето „Саид Најдени“ во Дебар