Подобри хигиенски услови за учениците од „Христијан Карпош“ во Куманово - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Подобри хигиенски услови за учениците од „Христијан Карпош“ во Куманово PDF Печати Е-пошта
Среда, 03 септември 2014 13:50

Кон крајот на август 2014 година МЦМС заедно со организацијата ДРОМ од Куманово и општина Куманово ја започнаа реконструкцијата на санитарните јазли во основното училиште „Христијан Карпош“ во Куманово. Вкупната инвестиција ќе биде околу 2,2 милиони денари, а поголемиот дел од средствата се обезбедени од Фондациите Отворено општество од Будимпешта.

2014-08-22 12.30.04

„Состојбата со тоалетите во училиштето беше навистина многу лоша“, вели директорката Лидија Костиќ. „Канализациските цевки беа нефункционални и пред распаѓање. Често се затнуваа, а водата протекуваше на плафоните под самите санитарни јазли. На хигиеничарите им беше тешко да ја одржуваат хигиената во такви услови, а децата се плашеа да влезат гледајќи ги цевките како течат. И родителите често реагираа, се плашеа и за здравјето и за безбедноста на нивните деца“, ни рече Костиќ.

Во училиштето настава посетуваат 1249 ученици од нив 126 се Роми. Вработени се 83 наставници и персонал што извршува административни и технички работи. Санирањето на оваа состојба значително ќе ги подобри хигиенските и техничките услови во училиштето и ќе го намали ризикот од ширење на епидемии. „Очекуваме да биде многу подобро“, вели директорката, „и хигиенски и естетски. Бидејќи училиштето е во висока зона, односно има проблем со водоснабдувањето, секогаш имаме резерви вода складирана во буриња. Со решавањето на санитарните јазли, складираната вода ќе биде сместена во посебни простории што ќе го ослободи просторот во тоалетите“, вели таа.

2014-08-22 12.29.35

Вкупната вредност на реновирањето на санитарните јазли во двете крила од училиштето изнесува околу 3,5 милиони денари. Реконструкцијата на првото, поголемото крило, изнесува 2,2 милиони денари, додека за второто изнесува околу 1,4 милиони денари.  МЦМС и општината се договорија заеднички да ја финансираат реконструкцијата на првото крило, кое е поприоритетно и пооштетено. Поддршката на МЦМС ќе изнесува 1,5 милиони денари, а на општината 0,7 милиони денари. Со овие средства ќе се изработи основен проект, ќе се изврши реконструкцијата и ќе се обезбеди стручен надзор. 

МЦМС ќе и помогне на општина Куманово да подготви апликација и да мобилизира дополнителни фондови за реконструкција на второто крило. На тој начин ќе се обезбеди санација на сите санитарни јазли во училиштето.

Реконструкцијата на санитарните јазли е проблем идентификуван од ромската заедница и треба да придонесе во воспоставувањето дијалог помеѓу општинската администрација и Ромската заедница во Куманово. Проектот е дел од програмата Пристап на Ромите до фондови (ПРФ) што ја спроведува МЦМС во партнерство со ИнСоК, а ја финансираат Фондациите Отворено општество од Будимпешта.

 
Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Подобри хигиенски услови за учениците од „Христијан Карпош“ во Куманово