Граѓаните на Делчево избраа нов проект - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Граѓаните на Делчево избраа нов проект PDF Печати Е-пошта
Петок, 22 август 2014 09:22

На 19 август 2014 година во Делчево се одржа шестата, дополнителна сесија од општинскиот форум. 

IMG 4488 resize

Сесијата беше дополнителна консултација со граѓаните заради проблемите кои се појавија при спроведувањето на проектот „Пешачки мост преку реката Брегалница“ избран на редовната петта форумска сесија. Градоначалникот на општина Делчево, Дарко Шехтански во своето обраќање пред граѓаните ги образложи постапките што ги презела општината заедно со имплементирачката организација и донаторот. Понудите кои пристигнале на двата тендери биле повисоки од планираниот буџет, а општината не е во можност да ги обезбеди дополнителните средства.

МЦМС побара, а СДЦ одобри да се направи измена на селектираниот проект со друг проект кој бил на листата на гласање на петата форумска сесија.

Градоначалникот ги замоли граѓаните да размислат својата поддршка да му ја дадат на проектот „Изградба и уредување на јавни површини“. Според консултациите направени со одговорните служби во општината, овој проект е изведлив во рокот што е на располагање. Проектот го образложи Тони Стоименовски координатор на форумите во општината. Потоа граѓаните гласаа. Проектот беше едногласно усвоен.

IMG 4481 resize

„Просторот што ќе се уредува со новиот проект навистина требаше да се уреди, запуштен е, а локацијата е многу добра. Јас како родител сакам да ги прошетам децата покрај реката, уште ако има и некоја содржина како игралиште за деца со лулашки, многу подобро ќе биде“, ни реле Дарко Гоцевски, учесник во Форумот. „Не сум разочаран што нема да се спроведува претходно избраниот проект. Интензивен сообраќај преку реката нема, може треба да ја подобриме сообраќајната култура на возачите и пешаците. Има доста други приоритети кои треба да се решат. Проектот на кој денес му дадовме поддршка ќе биде во полза на голем број граѓани. Се разбира, не можете да им се угоди на сите, ама мислам дека направивме добар избор“, рече тој.

И Васил Маневски од Делчево е задоволен од овој исход. „ Штета би било да не се искористат фондовите што ни стојат на располагање„, вели тој и додава дека се што ќе се направи ќе и остане на општината и на граѓаните.

Рокот за завршување на проектот е крајот на октомври 2014 година кога граѓаните ќе можат да го минуваат слободното време на уште една уредена патека во градот.

 
Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Граѓаните на Делчево избраа нов проект