Отворените повици за поддршка – добра практика на општина Делчево - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Отворените повици за поддршка – добра практика на општина Делчево PDF Печати Е-пошта
Четврток, 31 јануари 2019 16:53

Ова е втора година во која општина Делчево распределува средства за организации преку отворен повик врз основа на претходно утврдени критериуми и приоритети. Со годинешниот повик предвидено е на здруженијата на граѓани и на спортските клубови да им се доделат вкупно 900.000 денари. Ова го истакнаа организациите од Делчево на средбата на Мобилниот ресурсен центар. Средбата беше реализирана во партнерство со организацијата КХАМ Делчево и се одржа во нејзините простории на 30 јануари 2019 година.

 IMG 5575 2

За време на средбата, учесниците го истакнаа проблемот со управувањето со персоналот како и предизвикот да ги задржат младите во организациите. Дел од учесниците посочија и дека младите не се доволно информирани за работата на здруженијата. Меѓу присутните беа и неколку претставници од училишната организација на Средното општинско училиште „Методи Митевски- Брицо“ кои имаа можност подетално да се запознаат со функционирањето на локалните организации.

Зоран Биковски. од КХАМ Делчево, рече дека при регрутирањето особено е важно организациите да имаат план за постојан развој на вештините кај волонтерите и правилник за нивен кариерен напредок. „Исто така потребно е вмрежување на организациите и нивно меѓусебно поддржување со цел заеднички настап за решавање на предизвиците кои ги тангираат нивните корисници, а истовремено овозможување на гласност и видливост на заедницата“, додаде тој. 

Учесниците изразија потреба од обуки за управување со човечки ресурси, градење на членство, волонтерство, како и за социјално претприемништво.

Претставниците на Мобилниот ресурсен центар остварија средба и со Валерија Соколова, претставничка од општина Делчево. Таа истакна дека општината има многу добра соработка со организациите. Веќе изготвиле Стратегија за соработка со граѓанскиот сектор во партнерство со Регионалниот центар за застапување Делчево, што било финансиски поддржано од Европската Унија. Локалната стратегија ја зема предвид националната Стратегија за соработка со граѓанскиот сектор 2018-2020. Дополнително, таа посочи дека на веб страницата на општината постои листа со контакти од организациите кои активно делуваат на територијата на општината.

Граѓанскиот ресурсен центар е проект финансиран од Европската Унија, а спроведуван од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) во партнерство со Асоцијацијата за демократски иницијативи (АДИ) од Гостивар и Медиа плус од Штип.


Поврзани:

 

Google translate

Следи нé

FacebookYouTubeTwitterScribdRSS

Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Отворените повици за поддршка – добра практика на општина Делчево