Потребно е интензивирање на соработката на ДКСК и граѓанските организации |
Среда, 18 јуни 2014 15:41 | |||
На 16 јуни, 2014 година, во просториите на МЦМС беше организирана средба меѓу Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) и граѓанските организации потписнички на Меморандумот за взаемна поддршка за спречување на корупцијата и судирот на интереси. Цел на средбата беше меѓусебно информирање за активностите на граѓанските организации и на ДКСК, и разгледување на можностите за подобрување на соработката. Емина Нурединоска од МЦМС, во своето воведно обраќање истакна дека состанок е инициран заради потребата од интензивирање на соработка помеѓу ДКСК и граѓанските организации. Таа смета дека е потребна поголема отвореност на ДКСК кон граѓанските организации и нивно вклучување во процесите и активностите на ДКСК. Мирјана Димовска, член на ДКСК, истакна дека за нив, соработката со граѓанскиот сектор има големо значење, особено во подигнувањето на јавната свест, како еден од клучните аспекти во сузбивањето на корупцијата. На состанокот присуствуваа 12 претставници од девет граѓански организации кои ги презентира активностите на своите организации поврзани со добро владеење и антикорупција и дадоа идеи како соработката со ДКСК може да се прошири и унапреди. Присутните заклучија дека ќе се воспостави пракса на редовни тримесечни состаноци и ќе се организираат тематски работилници на кои ќе се разгледуваат прашања поврзани со спроведувањето на Програмата за превенција и репресија на корупцијата и за превенција и намалување на појавата на судир на интереси. Иницијативата за состанокот е во рамките на програмата на УСАИД за анти корупција спроведувана од МЦМС и партнерските организации.
|