Глобално водство - извештај од анкета на јавното мислење - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Глобално водство - извештај од анкета на јавното мислење PDF Печати Е-пошта
Понеделник, 23 декември 2013 08:39

bugarija[Прес соопштение] Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Институтот за демократија (ИДСЦС) за прв пат го спроведоа истражувањето „Глобално водство, соседство и односи со Бугарија“, кое треба да послужи за информирана јавна дебата за предизвиците на Македонија во натамошните евроатлантски интеграции. Со ова соопштение ги објавуваме наодите од првиот дел на истражувањето, во кој се испитувани ставовите на граѓаните за глобалното водство.

Граѓаните, од аспект на глобална политика, најдобро мислење имаат за Германија (14,5 %) и САД (11,2 %), а потоа за Швајцарија (9,7 %), Турција (6,9 %), Албанија (4,5 %) и Србија (4,1 %). До десеттото место следат Шведска, Австралија, Русија (3,5 %) и Словенија. Немаат добро мислење за ниту една земја 7,1 % од граѓаните.

Турција (16 %), Србија (12,2 %), САД (8,2%), Германија (8,2 %) и Албанија (5,8 %) се петте најпријателски земји на Македонија. Кина е шеста (2,5 %), Русија (1,8 %) е на деветто место. Меѓу првите 15 земји се сите соседи на Македонија. Турција (14,6 %) , Србија (11,6 %), САД (10,9 %), Германија (5,8 %) и Словенија (3,7 %) се пет најдобри сојузници на Македонија.

Постои евроатлантската ориентација на граѓаните, збирот на земји за кои постои најдобро мислење, а кои се членки на НАТО, изнесува 56,5 %. Исто така постои и перцепција на земјите, кои се членки на НАТО дека се најдобри сојузници на Македонија, при што збирот изнесува 42,3 %.

Постои одреден национален консензус за глобалното водство и сојузништвото. Поточно, ставовите на граѓаните за најдобра земја, како и за најпријателска земја и за најдобар сојузник на Македонија се релативно хомогени по основ на етничка припадност и партиско симпатизерство.

Така на пример 11 % етнички Македонци и 11,3 % етнички Албанци, како и 10,4 % од симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ и 11,5 % од тие на СДСМ, ги сметаат САД за најдобар сојузник на Македонија.

Разликите по етничка припадност и партиско симпатизерство не се значајни, можеби со исклучок на ставовите за Албанија, за која постојат разлики во ставовите по етничка линија меѓу етничките Македонци и Албанци. Уште една разлика по етничка припадност заслужува внимание, а тоа разликата во ставот дека ниту една земја не е најпријателска земја и најдобар сојузник на Македонија, при што околу 20 % од етничките Македонци имаат таков став, наспроти околу 10 % од етничките Албанци.

Преземи го извештајот од истражувањето.

Испитувањето на јавното мислење направено преку теренска анкета во периодот 15 ноември – 1 декември 2013 г на репрезентативен примерок од 1.000 испитаници со +/- 3 % грешка. Анкетата  ја спроведе М-проспект, чија одговорност беше и нејзината методолошка исправност.

 
Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Глобално водство - извештај од анкета на јавното мислење