Ќе се надминат проблемите со сметот - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Ќе се надминат проблемите со сметот PDF Печати Е-пошта
Петок, 08 Февруари 2013 16:12

На 6 февруари 2013 година, во ресторанот „Амбасадор", во Облешево се одржа шестата и последна форумска сесија од програмата „Форуми во заедницата“ во Чешиново-Облешево.

IMG 8778

На сесијата беше презентиран преглед на целокупниот форумски процес како и резултатите од избраниот и спроведен проект. Граѓаните на Чешиново-Облешево најголем дел од своите гласови ги дадоа за проектот „Специјална механизација за собирање, изнесување и депонирање на смет“. На оваа сесија, Игор Јанев, директорот на Јавното претпријатие за комунални дејности „Облешево“ ги објасни сите фаза низ кои поминало спроведувањето на проектот. Граѓаните имаа можност да го видат специјалното возило, а дел од нив веќе се снабдиле со корпите за отпадоци обезбедени исто така со овој проект. Тој ги извести граѓаните дека вкупниот буџет на проектот изнесува 6.079.124 денари од кои 2.400 000 се обезбедени од Швајцарската агенција за развој и соработка, 3.058.965 се општински средства, а носителот и партнерот ЈП „Облешево“ заедно имаат инвестирано 620.159 денари.

„Драго ми е што бев учесник на форумот, тоа беше ново искуство за мене, а верувам и за повеќето од нас. Добро е кога ќе се охрабрат граѓаните да си го кажат мислењето за проблемите. Се надевам дека таа пракса ќе ја продолжиме и понатаму без разлика што проектот заврши. Верувам дека обезбедената опрема со проектот ќе ни го подобри секојдневниот живот“, рече Суза Ангелова од Бања.

IMG 8774

Со набавката на специјалното возило и кантите за отпад се подобрува квалитетот на животот на граѓаните на Чешиново-Облешево, така што се создадени услови за надминување на состојбата со натрупување на смет, небезбедно одвезување и можност за празнење на контењерите кои претходно биле набавени итн. „Морам да кажам дека бевме малку сомничави на почетокот, ама тоа веројатно се должи на тоа што ни е прво искуство. Се надевам дека нема да биде последно. Задоволен сум од тоа како се реализираше се и сигурен сум дека на сите ќе ни биде подобро, барем кога е во прашање одведувањето на сметот. Секако треба уште да се работи на подобрување на свеста на граѓаните, ама полека и таа ќе се менува, сега кога се создадени услови“, рече Јорданчо Костадинов од Теранци.

На оваа сесија, Драгица Ѓорѓиевска, од општината Чешиново-Облешево информираше за за преземените активности во однос на препораките за приоритетните потреби и проблеми дадени од страна на граѓаните до општината, од која можеше да се заклучи дека добар дел од нив веќе се реализирани или се во тек на реализација.

 
Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Ќе се надминат проблемите со сметот