Граѓаните дискутираа за три буџетски програми на општина Аеродром |
Четврток, 08 ноември 2012 00:00 | |||
На 07 ноември 2012 година, во спортската сала во ОУ Љубен Лапе се одржа четвртата форумска сесија во општина Аеродром. На сесијата присуствуваа 129 граѓани на општина Аеродром и гости. Претставниците од работната група ги презентираа резултатите од работилницата на работната група за предлозите за расходи по Програмата за развој на образованието во општина Аеродром за 2013 година и расходи по Програмата за социјална заштита на општина Аеродром за 2013 г., по што граѓаните дискутираа и ги усвоија. Граѓаните ги разгледаа и дискутираа по расходите за три буџетски програми на општина Аеродром за 2013 г. и тоа: Програма за енергетска ефикасност, Програма за заштита на животната средина и природата и Програма за локален економски развој. Беа дадени 17 предлози за расходите по Програмата за енергетска ефикасност, 21 предлог за расходите по Програмата за заштита на животната средина и 9 предлози за расходите по Програмата за локален економски развој на општина Аеродром за 2013 г. На посебна работилница, општинската администрација заедно со претставници од граѓаните ќе ги разгледа можностите за вклучување на овие предлози во редовното работење на општината. „Ми се допаѓа тоа што на следната форумска сесија и тие што не учествувале во работни групи имаат можност да се запознаат со резултатите од одржаните работилници на работните групи. Она што е многу позитивно е тоа што со отворена комуникација, граѓаните меѓусебно се запознаат и се договараат, притоа давајќи заеднички идеи на што да се посветат локалните власти“, вели Анитула Ничева. И за Ана Петровска форумските сесии се полезни. „Граѓаните на општина Аеродром тука имаат можност недостатоците и работите што ги согледале заеднички да ги продискутираат и да дадат свои конкретни предлози и сугестии по истите, со цел да се подобри животот на граѓаните“, вели таа. Петтата форумска сесија во општина Аеродром, на која од страна на граѓаните ќе биде избран проектот кој ќе се финансира од буџетот на програмата Форуми во заедниците, е планирана за 05 декември 2012 г.
|