Кои се можностите за вклучување во подготовката на закони |
Вторник, 22 мај 2012 10:09 | |||
Втората основна обука на тема „Вклучување во креирање политики и подготовка на закони“ се одржа на 17 и 18 мај 2012 година во Охрид, организирана од страна на МЦМС. Претставници на граѓанските организации селектирани при повикот за учество на обуката, кои немаат претходно искуство во процесите на подготовка на закони се стекнаа со нови вештини. Шеснаесет нови учесници се стекнаа со основни знаења за застапувањето како битна компонента за успешно вклучување во процесите на подготовка на законите. Разгледан беше и процесот на одлучување во Македонија, како и целокупниот процес на подготовка на закони, проследен со примери за досегашната вклученост на граѓанските организации во подготовката на одредени закони и практични вежби за потикнување иницијативи и измени на постоечки закон. Најголем дел од учесниците на основната обука оценија дека и покрај комплексноста на темата и временското ограничување, основната обука ќе придонесе кон подготовка на поуспешни иницијативи во рамки на нивната организација за измена на оредедни закони кои се од нивен интерес на делување. Учесниците покажаа интерес и за релевантните институции до кои можат да ги поднесат своите иницијативи и да соработуваат, разбирајќи ја својата проактивна улога во општеството како иницијатори на промени и подобрувања. Втората основна обука ја водеа Емина Нурединоска од МЦМС и Горан Форбици од Словенечкиот центар на невладини организации (ЦНВОС) од Љубљана. Обуката е дел од проектот „Огледало на Владата: учество на јавноста во процесите на подготовка на закони” кој е поддржан од Европската Унија од инструментот за човекови права и демократијата (ЕИДХР). Целта на проектот е да се зголеми соработка на граѓанските организации со органите на државната управа во процесите на креирање политики и подготовка на закони. Проектот се спроведува во партнерство со ЦНВОС од Љубљана и Балканска мрежа за развој на граѓанското општество (БЦСДН).
|