Јавната чистота е приоритетот на граѓаните од Чешиново-Облешево - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Јавната чистота е приоритетот на граѓаните од Чешиново-Облешево PDF Печати Е-пошта
Понеделник, 14 ноември 2011 13:11

На повикот за првата форумска сесија во општината Чешиново-Облешево, на 3 ноември 2011 година, се одѕваа 163 граѓани. Тие имаа можност да слушнат за тоа што претставува форумскиот процес и како ќе се одвива во следните неколку месеци.

IMG 8958

 

Во своето обраќање до граѓаните, градоначалникот Јордачно Лефков изрази уверување дека на оваа форумска сесија ќе има добри дискусии и заклучоци од кои ќе произлезат корисни проекти за сите граѓани на општина. „Вашите очекувања како учесници на оваа сесија се различни, но не би сакал на крајот дел од вас да си заминат со разочарување поради неизгласување на едната или другата тема. Сепак, вашите забелешки и дискусии ќе бидат земени во предвид за понатамошниот развој на општината, а нашите ресурси ќе бидат во служба на обезбедување на средства и од други слични проекти", рече тој. На граѓаните им се обратија и Миодраг Колиќ од Единицата за координација на форумите и Димче Митрески, извршен директор на МЦМС.

IMG 8955

Двете теми за кои дебатираа граѓаните беа инфраструктурата и јавната чистота. Тие ги истакнаа потребите од подобрување на животот на граѓаните поврзани со двете теми. Сепак, при гласањето, со големо мнозинство од 114 гласови, граѓаните избраа да работат на темата јавна чистота. Со овој избор се надеваат дека ќе постигнат значителни резултати во подобрување на еколошката слика на општината, како и подобрена функционалност, опременост и организираност за собирање на сметот, чистење на улиците и оддржување на јавното осветлување. „Локалната самоуправа во последниве три години го докажа своето домаќинско работење, што се потврдува и сега кога и нам како граѓани на оваа општина ни дава можност преку форумиве сами да си помогнеме", рече Сане Јованов од с. Чешиново. „Кога станува збор за јавната чистота имаме недостатоци кои што треба да ги отстраниме. Сметам дека со учество на форумите, сите ние можеме да придонесеме кон остварувањето на една заедничка цел со која сите ќе бидеме задоволни, а тое е – да ја исчистиме нашата општина на модерен и организиран начин", додаде Јованов.

До крајот на првата форумска сесија граѓаните се распределија во осум работни маси на кои ќе продолжат со дискусиите на приоритетните проблеми и решенија поврзани со избраната тема.

 
Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Јавната чистота е приоритетот на граѓаните од Чешиново-Облешево