Македонија низ очите на новинарите од Северна Ирска - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонија низ очите на новинарите од Северна Ирска PDF Печати Е-пошта
Четврток, 20 октомври 2011 11:59

Од 3 до 6 октомври 2011 година МЦМС и Медијација Северна Ирска ја организираа возвратната студиска посета на Македонија за новинари и граѓански активисти од Северна Ирска.

IMG 8369

„Дојдов со оваа група за да видам како овде се известува во постконфликтна ситуација. Ако правиме паралела вашата политичка ситуација е развиена многу побргу отколку нашата. Нам ни требаше повеќе за да стигнеме таму каде што сме отколку на вас", вели Марвин Џес, новинар на ББЦ.

Гостите од Северна Ирска имаа можност да се сретнат со уредниците и новинарите на Алсат-М, Канал 5, Вест, Коха, Нова Македонија и локалните ТВ Кисс и ТВ Арт од Тетово. За медиумите тие разговараа и при посетата на Македонскиот институт за медиуми. „Мојата прва реакција за медиумите во Македонија беше шок", вели Дејвид Томсон, студент по новинарство. „Бројот на медиуми е многу поголем од оној во Северна Ирска и според мене, сегашниот систем не е финансиски одржлив. Многу новинари се под голем притисок она што го прават или зборуваат да биде во согласност со она што им го кажал уредникот, во спротивно можат да бидат заменети. Ова резултира во извештаи кои не се такви како што би требало да бидат", вели Томсон.

Што се однесува до сличностите во конфликтот на двете земји, според Пол Коноли, од Белфаст Телеграф, ти се видливи. „Постојат две страни во конфликтот, има мировен договор, мислам дека сличности има и во природата на договорите и спроведувањето од кое можеме да научиме некои работи, некои лекции", вели тој. Она што му го свртело вниманието на Дејвид Томсон при посетата на медиумите е што „сите го поддржуваат Охридскиот договор, што е слично со ситуацијата кај нас", вели тој и додава дека Скопје го доживеал како многу гостопримлив и пријателски град. „Не видов многу знаци на поделба или конфликт околу Скопје и Тетово. Тоа е во контраст со Белфаст каде се уште имаме мировни ѕидови кои физички ги делат заедниците", вели тој. За мировните ѕидови, како една од разликите меѓу двете земји, Тони Мекколи, медијатор во мировниот процес, вели дека „дури и сега кога имаме мировен договор и релативен мир, проблемот е во тоа што нашите две заедници како да се навикнаа да живеат така одвоено, како да се така побезбедни бидејќи ѕидовите ги одделуваат од другата заедница. На почеток сме да видиме како ќе ги тргнеме тие ѕидови", додава тој.

IMG 8376

За време на посетата, гостите од Северна Ирска имаа средби и во ПДАС „Меѓаши" и на Универзитетот на ЈИЕ во Тетово, а се сретнаа и со пратениците Илија Димовски и Талат Џафери. Тие го посетија Тетово, а на Калето имаа средба со Марин Најдов, претседателот на Здружението Достоинство од Тетово. Потоа беа гости во општината Теарце и разговараа со Ирфан Хазари.

Посетата е дел од проектот МОСТ што го спроведуваат овие две организации, а чија цел е да се споделат добрите практики помеѓу клучните институции во Северна Ирска (и пограничните подрачја на Република Ирска) и Република Македонија во четири различни тематски сектори: полиција и правда, локална самоуправа, религија и медиуми.

 

Google translate

Следи нé

FacebookYouTubeTwitterScribdRSS

Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Македонија низ очите на новинарите од Северна Ирска