Во Македонија и не е така лошо! - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Во Македонија и не е така лошо! PDF Печати Е-пошта
Четврток, 18 август 2011 00:00
Индекс на артиклот
Во Македонија и не е така лошо!
Што е всушност конфликтот?
Некои факти за конфликтот
Иницијативите за помирувањето
Медиумите во Северна Ирска
Како учесниците ја видоа Северна Ирска
Сите страни

Од 24 јуни до 1 јули МЦМС ја реализираше третата по ред студиска посета на Северна Ирска како дел од проектот Мост, овој пат наменета за новинари и претставници на организации кои соработуваат со медиумите и новинарите.

Во Македонија и не е така лошо!


Што е всушност конфликтот?

Работниот дел од посетата започна со вовед во конфликтот во Северна Ирска. Како илустрација на 30 годишниот конфликт, учесниците имаа можност во текот на првиот ден да ги посетат тнр. Ѕидови на мирот подигнати помеѓу домовите на протестантската и католичката заедница. Низ деловите каде живее католичката заедница ги водеше Тим Браниган, католик и поренешен соработник на Ирската републиканска армија (ИРА) кој заради соработката одлежал 5 години во затвор. Водич низ протестантската заедница беше Тони Меколи, поранешен разнесувач на весници и активен медијатор во мировниот процес. Ѕидовите на мирот, кои во некои подрачја на Белфаст достигнуваат и до 10 метри, не ретко се „облагородени" со тнр. мурали, односно слики кои треба да ги потсетуваат минувачите и оние кои живеа покрај нив на ликовите на оние кои загинале во конфликтот. Следното изненадување беа вратите на ѕидовите кои во некои делови од градот се затвораа веќе во 21 часот. Луѓето од двете страни на ѕидовите не комуницираат, децата не се дружат, затоа што „од другата страна на ѕидот живеат непријателите". И водачите на оваа група, тогаш за прв пат стапнаа во некои од подрачјата на Белфаст!

konflikt1

Учесниците се интересираа како во вака поделени заедници функционира животот. Во здравствениот систем, на пример, тенденцијата била да се направи по еден помал здравствен центар во секоја од заедниците. Во поголемите центри, персоналот е мешан, но сепак претежно протестантски или католички во зависност од тоа каде е изграден центарот. „Мојата прва средба со „другите", вели Тони Меколи, беше на една вакцинација. Се сеќавам дека бев зачуден дека тие се исти како нас?!"

Училиштата се поделени. Тие често служат како средство за идентификација на која заедница и припаѓаат. Домаќините раскажуваа дека ако соговорникот не може на основа на името, акцентот или други физички особености да разбере дали другиот е протестант или католик, сомнежот го надминува со прашањето во кое училиште учел. Единствено училиштата за деца со ментален хендикеп се интегрирани, додаваат тие.

И јавниот транспорт не е единствен. Дел од линиите биле укинати затоа што била напаѓани. Католиците користат црно такси за кое цените се како за јавен превоз и кое не влегува во протестантските делови од градот.

konflikt

На крајот на денот, учесниците го посетија хотелот Фарсет сместен на самата мировна линија меѓу протестантите и католиците. Фарсет е изграден пред 10 години со средства од Мировните програми на ЕУ за да креира работни места. Во Северна Ирска многу работни места ги исклучуваат поранешните затвореници, па тие мораат да се снаоѓаат како што знаат и често се дел од „сивата економија" на земјата. Тие дури не можат ни да патуваат во некои земји. Во хотелот Фарсет се организира дијалог за различни групи. Доаѓаат поранешни затвореници и разговараат со младите луѓе. Организаторите на ваквите средби се надеваат дека ваквата едукација на младите ќе помогне во помирувањето. За жал, велат домаќините, проектите на помирување не влијаат многу на политичарите и владата. Тие многу бавно стануваат дел од програмите на политичките партии, а потоа и на самата влада. Политичките крила на двете страни едноставно не можат да се договорат за политиката на интеграција, а медиумите пак немаат таква иницијатива.


Некои факти за конфликтот

Конфликтот на островот датира од 12 век кога во Ирска пристигнале доселеници од Британија. Во 1916 година е кренато востанието во Даблин против улогата на Британија на островот. Во 1921 година е потпишан договор кој водел кон воспоставување на слободна Ирска држава составена од 26 региони. Останатите 6 региони останале во составот на Северна Ирска, а таа останала во составот на Британското кралство.

fakti

30-годишниот конфликт меѓу протестантите и католиците во Северна Ирска започнал во 1968 година со кампањата за граѓански права на католичката заедница.

  • Протестантите и католиците не се согласуваа за многу прашања, на пример ни за тоа како да ја викаат државата. Тие дури различно ги именуваат некои од градовите.
  • За време на 30-годишниот конфликт животот го загубиле повеќе од 3.600 лица
  • Договорот од Велик петок (или Велигденскиот договор) е донесен на 10 април 1998 година.
  • 20% од „мировните ѕидови" се направена по Договорот.
  • 95% од учениците учат во поделени училишта. Најголем дел од нив не се среќаваат со „другите" до запишување на факултет, а некои ни тогаш.
  • 97% од јавните установи се сегрегирани.
  • 70% од луѓето велат дека повеќето од нивните пријатели се од иста религија.
  • 10% од браковите се мешани
  • Нема вистински средби меѓу заедниците. Меѓусебно не се посетуваат или тоа се случува многу ретко.
  • Дури и во спортот се поделени: протестантите навиваат за Глазгов ренџерс, а католиците за Селтик.

Иницијативите за помирувањето - во рацете на граѓаните

Вториот ден беше посветен на две организации кои работат со заедниците, надвор од Белфаст.

Фондацијата во Ларн е католичка и работи во претежно или целосно протестантска област. Претставници на групата од Ларн посочија дека една од главните пречки во нивната работа е стравот. Кога доаѓаат на средби со луѓето од други заедници, луѓето се плашат дека ќе го изгубат идентитетот. Оние кои директно биле вклучени во конфликтот често си го поставуваат прашањето дали тоа било вистинското. Кога жалат за тоа што го направиле често се прашуваат, зошто целото тоа?

inicijativi

Оваа група на заедницата сака да го подобрат имиџот на Ларн, да продуцира слика дека Ларн е добро место во кое може да се инвестира, а оние што живеат тука да бидат горди на својот град. Лошиот имиџ влијаел на бизнисот и животот на луѓето воопшто. Последните години не само заедниците туку и бизнис луѓето доаѓаат на сесиите и разбирањето за другите се подобрува, раскажуваат со ентузијазам. Групата воспоставила форуми на кои се среќаваат луѓето и ги споделуваат своите искуства. За младите направиле спортски терени, идејата е нив заедно да ги користат младите од различни групи. Ентузијазам има и во поглед на интегрирањето на учениците. Иако во основно училиште учат одвоено, потоа, во средно, за одредени предмети имаат интегрирана настава. По склучувањето на Договорот од велик петок, раскажуваат претставниците на групата, се случува и самите училиштата да го поддржуваат трендот на интегрирање. Тие со гордост кажуваат дека Ларн е пример за тоа во тој дел од државата. Таквиот тренд се гледа и во спортот, има мешани тимови на пример во јуниорскиот фудбал. Во последно време има многу малку проблеми меѓу заедниците.

Групата не видела некоја полза од медиумите, велат дека објавувањето на позитивна и добра приказна секогаш оди потешко отколку на лошите. Имаат локален приватен весник. Велат дека медиумите главно ја следат својата агенда и вестите од теренот се подредуваат на неа. При последните немири (јуни 2011 година н.з.) дел од информациите што се презентирале во медиумите биле на основа на непроверени факти, сензационалистички и политички мотивирани. Немаат локална телевизија па тешко е да влијаат или да стигнат на програмата на националните телевизии. Повеќето од информации младите ги добиваат преку Интернет, тоа им е по-инстант. Социјалните медиуми, според нив, се опасност за досегашното, традиционално новинарство. Најважно, во Ларн нема ѕидови.

Учесниците ја посетија и заедницата Коримила. Тоа е христијанска заедница чии цели се да го промовира помирувањето и градењето мир преку заздравување на социјалните, религиските и политичките поделби во Северна Ирска. Во оваа заедница се водат програми насочени кон воспоставување општество дефинирано од толеранција, каде различностите се решаваат преку дијалог во јавната сфера и каде има еднаквост, почит за различностите и признавање на меѓузависноста.


Медиумите во Северна Ирска

Третиот ден им беше посветен на медиумите. Белфаст Телеграф, ББЦ Северна Ирска и ТВ Висион. Освен за известувањето во време на конфликтот, учесниците се интересираа за функционирањето на медиумите, справувањето со предизвиците на Интернетот и социјалните медиуми итн. Последен во низата беше медиумот за млади – Вимпс што всушност е веб страница, водена од млади луѓе, кои ги користат последните веб технологии да им помогнат на младите да контактираат и влијаат на оние кои ги носат одлуките за нивните животи. Страницата им овозможува да го најдат пратеникот од нивната област и да му испратат порака за прашања што им се важни, можат да ја споделат нивната приказна, да дискутираат итн.

mediumi1

mediumiЕден од домаќините на студиската посета, Мајк Гастон е поранешен новинар на ББЦ. Работел и известувал за конфликтот помеѓу 1980 и 1990. „Жртви во конфликтот не се само загинатите", вели Мајк, „туку и нивните семејства и сите кои на некој начин биле инволвирани со жртвата". И денес многу живо се сеќава на известувањето за бомбардирањето на една рибарница, на погледот на сестрата на бомбашот кој загинал. „Работењето на новинарот во такви услови е предизвик," вели Мајк, „и во тој предизвик, најважно е да не се загубиш себе си." Според него, важно е луѓето да научат да се справуваат со некои ситуации фер и праведно. Во врска со известувањето на ББЦ, тој вели дека секогаш се прави двојна проверка на приказните, на двете страни. Постојат принципи на известување во конфликти и тие се постојани. Ситуациите во конфликтот се менуваат многу брзо, во еден момент е безбедно, а веќе во следниот – не. Мајк Гастон сега работи како медијатор и советник за медиумски групи.

Последниот ден беше посветен на не толку познатите прашања поврзани со Мировното новинарство и Моралната имагинација.


Како учесниците ја видоа Северна Ирска

Иако можеби немаше доволно време за целосно разбирање на комплицираниот конфликт во Северна Ирска, мировните ѕидови беа многу „речити" сметаат учесниците на студиската посета. Од престојот и разговорите може да се види дека постои фокусираност и посветеност на градењето на мирот и одлучност да се оди понатаму.

ucesnici

Ситуацијата во Македонија може и не е толку лоша како што мислевме претходно, сметаат учесниците на студиската посета. Во Северна Ирска се користат повеќе модели за тоа како да се подобри ситуацијата. По ова искуство, сметаат тие, подобро се гледаат можностите за работа на полето на градењето мир во Македонија посебно преку медијацијата и тоа за секојдневна употреба, не само како исклучок. Она што и недостасува на Македонија, сметаат тие, е граѓански активизам кој го има во Северна Ирска.

Што се однесува до Договорот од велик петок кој е користен како основа за Охридскиот рамковен договор во Македонија, учесниците забележаа дека спроведувањето е константно и дека во целиот процес на помирување се вложуваат доста пари кои Македонија го нема за имплементирање на договорот. Поврзано со тоа економската ситуација е многу подобра за разлика од онаа во Македонија. Освен тоа, сметаат тие, луѓето во Македонија се подготвени да одат понатаму ама политичарите не се. Она што би требало да го прават медиумите во Македонија е да бараат отчетност од политичарите, а не го прават тоа.

Она што им недостасуваше на учесниците беа средбите со политичарите како и претставниците на власта кои би ги презентирале податоците за постигнувањата од Договорот од велик петок. Заедно со ова и впечатоците на луѓето од двете заедници кои би зборувале за тоа како гледаат на прогресот по потпишувањето на договорот. Можеби, сметаат тие, не е лошо да се сретнат и не толку умерени луѓе, на пример претставници на радикалните страни. Тоа може да делува како огледало за да се види сопствената слика подобро.

 

Google translate

Следи нé

FacebookYouTubeTwitterScribdRSS

Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Во Македонија и не е така лошо!